/ Прочитано:

1.401

Одбележан 7 октомври – Светскиот ден на пристојна работа

Новата синдикална страница www.rabotnickiprava.mk има за цел да ги едуцира и да ги информира работниците во делот на работничките права, како и да им овозможи полесен пристап до информации. Намерата на создавачите на страницата е работниците да добијат гаранција за своите права, сигурност, подобра плата и подобри услови за работа.

Синдикална веб-страница

Со промоција на новата синдикална страница www.rabotnickiprava.mk, денеска се одбележа Светскиот ден на пристојна работа, 7 октомври. Страницата има за цел да ги едуцира и да ги информира работниците во делот на работничките права, како и да им овозможи полесен пристап до информации. Намерата на создавачите на страницата е работниците да добијат гаранција за своите права, сигурност, подобра плата и подобри услови за работа.

Веб-страницата е заедничка активност на сите синдикални организации во Македонија – Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија, на сите нивни членови и е наменета за сите оние што имаат потреба од заштита. Финансирана е од Европската Унија преку проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, а е реализирана од Меѓународната организација на трудот – МОТ.

Страницата е поделена во неколку категории со цел корисниците лесно и брзо да можат да се снајдат. Дискриминацијата, мобингот, колективното договарање, правото на одмор, платата, се само дел од темите што се поставени на насловната страница. За истакнување е делот за често поставувани прашања, каде што работниците можат да се информираат од туѓите искуства и да се охрабрат да ги постават своите прашања со цел да решат некакви проблеми.

Идејата и концептот за пристојна работа произлегуваат од Меѓународната организација на трудот, промовирани во 1999 година, на 87 Меѓународна конференција на трудот. Идејата за пристојна работа е прифатена на Светскиот самит на Обединетите нации во 2005 година, а потоа и од Економско-социјалниот совет на Обединетите нации (ЕЦОСОЦ) во 2006 година. На Светскиот социјален форум, одржан во Најроби, е покрената кампањата „Пристојна работа, достоинствен живот“ и 7 октомври е погласен како Светски ден за пристојна работа.

А. Б.