/ Прочитано:

3.342

Одложено судењето на браќата обвинети за напад на доктор хирург и лице од обезбедувањето на Клиничкиот центар

Настанот за кој се обвинети лицата се случи на деветти ноември минатата година во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Скопје, во Одделението за дигестивна хирургија, кога во лекарската соба беше пукано на доктор хирург што претходно оперирал пациентка која потоа починала.

Обвинет во случајот со напад на доктор од Клиниката за дигестивна хирургија

Денеска беше одложено судењето на двајцата браќа кои во ноември минатата година пукаа во доктор и нападнаа лице од обезбедувањето во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Како што извести судијата Илија Трпков, кој го води предметот, адвокатот Мирослав Вујиќ, кој ги застапува обвинетите Имер Никшиќ и Абдуљкајам Никшиќ, не можел да присуствува на закажаното рочиште поради ангажман во друг предмет и затоа побарал одложување на рочиштето за кусо време.

Судијата го презакажа судењето за 27 мај.

Првообвинетиот не беше спроведен од затворот „Шутка“, каде што се наоѓа во притвор. На закажаното рочиште присуствуваа јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, адвокатот на оштетениот доктор, братот на првообвинетиот, исто така обвинет во случајот, и еден сведок.

Докторот хирург Љубомир Огненовиќ, од Одделението за дигестивна хирургија, кој беше застрелан од незадоволните роднини на пациентка која ја третирал и која потоа починала, е во добра здравствена состојба, истакна неговиот правен застапник, адвокатот Лазар Бошњаковиќ.

Имер Никшиќ се товари за неколку кривични дела: убиство од чл. 123 ст. 1 в.в. со чл. 19 од Кривичниот законик, неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од 396 ст. 1 и насилство од чл. 386 ст. 3 в.в со ст. 1 од Кривичниот законик.

Неговиот брат Абдуљкајам исто така учествувал во инцидентот и е обвинет за сторено кривично дело напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста од чл. 383 ст. 2 в.в со ст. 1 од Кривичниот законик. Против него се определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на територија на Град Скопје, обврска обвинетиот да се јавува повремено на службено лице во Основниот суд Скопје 1 – Скопје и привремено одземање на патна исправа.

Настанот за кој се обвинети лицата се случи на деветти ноември минатата година во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Скопје, во Одделението за дигестивна хирургија, кога во лекарската соба беше пукано на доктор хирург што претходно оперирал пациентка која потоа починала.

„Првообвинетиот со огнено оружје пиштол испукал седум проектили, при што на докторот му нанел три прострелни рани во пределот на левата нога. Во настанот биле загрозени и други лица вработени во болницата, како и едно лице од обезбедувањето на Клиниката, а бил оштетен и инвентар на Одделението“, беше наведено во соопштението на Обвинителството.