Официјални податоци на ДИК: Стево Пендаровски е новиот претседател на државата
Според официјалните податоци на Државната изборна комисија, на претседателските избори гласале 844.365 избирачи или 46,70% од избирачите, со што е постигнат уставниот цензус за успешност на изборите.
Од нив, 436.212 избирачи или 51,66% гласале за Стево Пендаровски, додека 377.713 избирачи или 44,73% за Гордана Силјановска-Давкова. На изборите имало 30.442 неважечки ливчиња.
Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Правниот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Во изминатите единаесет години бил професор на Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје, каде што ги предавал предметите: Меѓународна безбедност, Меѓународни односи, Вовед во политика, Глобализација, Геополитика, Надворешната политика на САД, Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и Малите држави во светската политика.
Во периодот 1998 – 2001 бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на Министерството.
Од 2001 до 2004 година е советник за национална безбедност на претседателот на Република Македонија. Од 2004 до 2005 година е претседател на Државната изборна комисија. Од 2005 до 2009 година е советник за надворешна политика на претседателот на Република Македонија. Од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија.
Пред неговиот избор за претседател Пендаровски беше национален координатор за подготовка на Република Македонија за членство во НАТО.
Официјално соопштение на ДИК за утврдените резултати од гласањето на изборите
Постапката за вториот круг на претседателските избори
Официјални податоци на ДИК за првиот круг на претседателските избори
М.В