/ Прочитано:

1.597

Основното јавно обвинителство бара дополнителни информации од СЈО, од Кривичниот суд и од МВР за смртта на Крпач

„Обвинителството, по добивањето на обдукциониот наод и извештајот од криминалистичкото вештачење и по нивната анализа, констатираше дека се потребни дополнителни информации, поради што беа издадени бројни наредби кои се однесуваат на сите институции кои се вклучени во истрагата“, велат од Обвинителството.

Основно јавно обвинителство Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје доставило барање за добивање дополнителни информации од Специјалното јавно обвинителство, од Основниот суд Скопје 1 и од Министерството за внатрешни работи. Обвинителството бара податоци и документација од овие институции кои се потребни за целосно расветлување на смртта на Коста Крпач.

„Обвинителството, по добивањето на обдукциониот наод и извештајот од криминалистичкото вештачење и по нивната анализа, констатираше дека се потребни дополнителни информации, поради што беа издадени бројни наредби кои се однесуваат на сите институции кои се вклучени во истрагата“, велат од Обвинителството.

Крпач бил сведок во постапка на СЈО

По прибирање на целосната документација и по нејзината анализа, ќе бидат објавени и наводите поврзани со смртта на Крпач до кои ќе дојде Обвинителството, велат од ОЈО Скопје.

По обелоденувањето на смртта на Крпач, од Специјалното јавно обвинителство соопштија дека тој бил сведок во предистражна постапка што ја воделе тие.

„Лицето Коста Крпач доброволно се јави во ова јавно обвинителство. Соработката со сведокот беше беспрекорна и се работеше за исклучителна личност, така што веста за неговата смрт ги погоди сите вработени во ова јавно обвинителство“, стоеше во соопштението на СЈО.

Оттаму истакнаа дека поседуваат докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓал Крпач, но, со оглед на тоа дека се работи за исклучително доверливи информации, нема да ѝ бидат соопштени на јавноста во овој момент.

„Секако, доколку се јави потреба, ние сме отворени за соработка со органите на прогонот кои ја испитуваат смртта на сега покојниот“, велат од СЈО.

Против Крпач не се водела никаква кривична постапка и тој немал својство на осомничено лице, велат од СЈО, и поради тоа сè уште чекаат одговор од Кабинетот на Претседателот зошто Крпач бил на листата на помилувани и од каде им се податоците дека наводно против ова лице се водела кривична постапка.

Денеска од СЈО не беа достапни за коментар за тоа какви податоци бара од нив Основното јавно обвинителство Скопје.

Кривичниот суд по барање на СЈО издал наредба за претрес во домот на Крпач

Минатата недела,  по смртта на Крпач, и Основниот суд Скопје 1 објави соопштение во кое се наведува дека, по барање на СЈО, Судот издал наредба за претрес во домот на Крпач на почетокот на април.

„Наредба за претрес претходно беше издадена и за претрес на правно лице чиј сопственик во одреден период е истиот, односно по барање на СЈО, судија на претходна постапка од Одделението за организиран криминал и корупција има издадено и наредба за одземање на документи од Централниот регистар на РМ од две фирми (меѓу кои за една во одреден период како сопственик се јавува К. К. )“, се наведуваше во соопштението на Кривичниот суд.

На денешното прашање упатено до Основниот суд Скопје 1 за дополнителни информации поврзани со барањата од ОЈО Скопје, од Судот ни одговорија дека слободно можеме да се обратиме до институцијата која информираше дека доставила барање.

Според полициските информации, Крпач беше пронајден мртов во неговиот дом на 27 април, со прострелна рана во градниот кош. Крпач беше академски сликар и управител на фирмата „ФИНЗИ“ ДООЕЛ која е сопственик на веб-порталот „Нетпрес“.

Тој беше и меѓу лицата помилувани со одлука на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

М. С.

СЈО: Коста Крпач доброволно се пријави како сведок. Против него не се водеше кривична постапка