/ Прочитано:

1.059

Осомничените во предметот „ТНТ“ на СЈО денеска пред судија на претходна постапка

Како што информираа од СЈО, за првоосомничената, службено лице овластен градежен инспектор во Секторот за инспекциски работи во Одделението за урбанистичко-градежна инспекција во Општина Гази Баба, и за уште три лица осомничени во предметот, службени лица членови на Комисијата за јавни набавки во Општина Гази Баба, побарани се мерките: привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, и обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган.

Основен суд Скопје 1

Во текот на денешниот ден осомничените во предметот „ТНТ“, што го отвори Специјалното јавно обвинителство, треба да бидат сослушани пред судија на претходна постапка во врска со мерките за обезбедување на присуство, кои ги предлага СЈО. Нивниот распит минатата недела беше одложен на барање на одбраната која побара дополнително време за увид во доказите.

Како што информираа од СЈО, за првоосомничената, службено лице овластен градежен инспектор во Секторот за инспекциски работи во Одделението за урбанистичко-градежна инспекција во Општина Гази Баба, и за уште три лица осомничени во предметот, службени лица членови на Комисијата за јавни набавки во Општина Гази Баба, побарани се мерките: привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, и обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган.

Според предметот на СЈО, инспекторката е осомничена дека со искористување на својата службена положба и овластување, во Општина Гази Баба во Скопје, во населбата Ќерамидница на ул. „Перо Наков“ бр. 94, постапила спротивно чл. 47 т. 4 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и чл. 134 т. 4 од Законот за градење при уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“.

Членовите на Комисијата за јавни набавки во Општина Гази Баба, пак, со искористување на своите службени положби и овластувања, поттикнати со умисла од градоначалникот Тони Трајковски, овозможиле на незаконски начин да се спроведе постапката за јавна набавка за ангажирање на фирма која ќе го спроведе уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски, рекоа од СЈО.

Со наведените дејствија, постои основано сомнение дека првоосомничената сторила кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 3 во врска со ст. 1 од КЗ, а за второ-, трето- и четвртоосомничениот постои основано сомнение дека  сториле по едно кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 во врска со ст. 1 во врска со чл. 22 од КЗ.

Специјалното јавно обвинителство го презентираше случајот на 21 април. Во него, како што истакнаа, постојат индиции за вмешаност на претставници на највисоките државни органи, тогашниот премиер, Никола Груевски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, но и на градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, кои беа опфатени во одлуките за помилување кои ги донесе претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов. Трајковски целосно ги отфрли обвинувањата од СЈО и повтори дека постои документација со која ќе се докаже дека се постапувало законски во случајот „Космос“.