/Прочитано:

703

Потребна е поголема промоција на Законот за заштита на укажувачите, порачуваат експертите 

За доследно применување на Законот за заштита на укажувачите и неговите цели, неопходно е јавноста и општеството да бидат запознаени со одредбите и можностите кои ги дава овој закон, кој не само што има цел да ја спречи корупцијата, туку и да ги заштити човековите права.

Со Законот за заштита на укажувачите се уредуваат заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно правните лица во врска со заштитеното пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.

Заштитено пријавување во смисла на овој закон е пријавување со кое согласно со овој закон се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши казниво или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес.

Запознавањето на јавноста со можностите на Законот за заштита на укажувачите е особено важно од аспект на заштита на човековите права и во таа насока заштитата на јавниот интерес.

Под јавен интерес во смисла на Законот за заштита на укажувачите се подразбира заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, спречување на ризиците за здравјето, одбраната и безбедноста, заштита на животната средина и на природата, заштита на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеење на правото и спречување на криминалот и корупцијата.

Во врска со примената на Законот за заштита на укажувачите и неговата улога во заштита на човековите права и спречувањето на корупцијата, Институтот за стратешки истражувања и едукација во соработка со Амбасадата на САД во Македонија организираше настан на кој говореше директорот за правни работи во Проектот за владина одговорност од Вашингтон, Том Девајн.

Девајн, како експерт со долгогодишно искуство, позитивно го оценува Законот за заштита на укажувачите, но истакнува дека е потребно негово поголемо влијание во општествените текови. Американскиот експерт сугерира дека медиумите треба повеќе да информираат за правата кои произлегуваат од законодавството за заштита на укажувачите, но покрај медиумите, од исклучителна важност е и дејствувањето на граѓанските организации и институции во таа насока.

„Укажувачите се уши и очи на јавноста и кога корупцијата ја издава довербата на јавноста, тие ја користат слободата да предупредат и да можат да ги спречат последиците од тоа“, нагласува Девајн.

Проф. д-р Мишо Докмановиќ од Институтот за стратешки истражувања и едукација вели дека во Република Македонија најголем предизвик е примената на законите и од тој аспект треба да се гледа и функционирањето на Законот за заштита на укажувачите.

„Ако ги погледнете извештаите на Државната комисија за спречување на корупција, од донесувањето на Законот досега нема регистрирано свиркач така што овој концепт е сè уште нов. Станува збор за концепт кој е карактеристичен за англосаксонскиот систем и затоа во таа насока сакаме негова промоција. Македонското општество не е запознаено со можностите што ги нуди новиот Закон за заштита на свиркачите и затоа е  потребна промоција на овој концепт во функција на спречување на злоупотреби и корупција во различни институции“, посочува  Докмановиќ.

„Нашиот Закон нуди можности свиркачите да бидат заштитени и да може да укажуваат како во рамките на самата институција во која работат или доколку се приматели на услуги, така и надворешно доколку имаат сознанија за тоа дека се спроведуваат злоупотреби во рамките на различни институции во земјата. Законот им нуди заштита доколку пријават сомневање дека се направени злоупотреби“, додава  проф. д-р Докмановиќ.

M.В