/ Прочитано:

1.290

Потребна е промена на законската рамка и собирање на статистички податоци за регистрирање на родово базирано насилство

Хелсиншкиот комитет  ја изразува својата загриженост во однос на состојбата со родовата еднаквост во државата, која сè уште останува да биде декларативна заложба на властите. Жените во Република Македонија сè уште се соочуваат со дискриминација врз основа на пол и род во сите општествени процеси, без притоа да имаат заштита на нивните права.

Текстилните работнички, жените од руралните средини, жените Ромки, жените жртви на насилство, жените со попречености спаѓаат меѓу најранливите групи во нашето општество, за кои државата сè уште не презема суштински мерки кои би го подобриле нивниот социјален и општествен статус. Образованието останува недостапно за голем број девојчиња, факт кој најчесто се должи на непристапноста на образовните објекти, како и поради испишувањето на голем број ученички како резултат на сиромаштија или стапување во малолетнички бракови.

„Ратификувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот чекор кој го направи оваа влада во борбата со насилството врз жените и домашното насилство. Сепак, во изминатиот период бевме сведоци на неколку случаи на насилство врз жени, вклучително и сексуално насилство врз малолетно девојче штитеник на Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај”, кои претставуваат само примери на целосно нефункционалниот систем за грижа и заштита на жените и девојчињата.

Од овие причини бараме државата итно да започне со промена на законската рамка и собирање на статистички податоци за регистрирање на сите форми на родово базирано насилство, да обезбеди сервиси за жените и девојчињата жртви на насилство и да им обезбеди заштита на сите жени чии права секојдневно се прекршуваат“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

Според податоците, 78 % од жртвите на физичко насилство се жени, додека 98 % од сторителите на семејно насилство се мажи. Од 2008 до 2016 година, регистрирани се 70 фемициди, од кои 15 се случиле само во периодот 2013 – 2016. Над 3/4 од случаите на семејно насилство не се пријавени во ниту една јавно достапна служба.

Најчестата причина поради која девојчињата го напуштаат училиштето се малолетничките бракови. 81% од вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија се жени и тие се едни од најниско платените работнички со 35 % пониска просечна плата од просечната плата на државно ниво.

 Во Македонија,  велат од Секцијата на жени при Конфедерацијата на слободни синдикати, борбата за рамноправност на мажите и жените сè уште трае, тоа се докажува со многу примери од реалниот живот. Да се потсетиме на спроведеното истражување со кое се дојде до фактот дека жените се за 12,5 % помалку платени од мажите за еднакво извршена работа.

По повод Денот на жената „8 Март“, жени од различни професии вчера маршираа од Жена парк до плоштадот Филип Втори кои порачаа да се отфрлат стереотипите и да се каже „НЕ“ на насилството.

„Со овој марш, освен што ги славиме жените, ги повикуваме и нашите татковци, браќа и синови да се солидаризираат со жените во Македонија и заеднички да ги отфрлиме стереотипите и етикетите што нè ограничуваат сите и да им кажеме ‘НЕ’ на насилството и омразата врз жените“, порачаа учесничките на маршот, кој го организираа Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.

M.В