/ Прочитано:

1.112

Потребни се промени на законодавството за редистрибуција на храната

Денеска се одржа тркалезна маса за законодавството во врска со безбедноста, фрлањето, донацијата и редистрибуцијата на храната. На тркалезната маса беше истакнато дека е потребна промена на регулативата за фрлањето и за вишоците на храна.

Измените и дополнувањата се потребни пред сè во Законот за безбедност на храна, што ќе иницира носење нови два подзаконски акти, но и измени и на законодавството за донации и за даночни политики заради ослободување и стимулирање на бизнисите и операторите со храна за да сакаат да ја донираат храната.

Душко Христов, претседател на организацијата „Банка за храна“ – Македонија, изјави дека домаќинствата се најголеми расфрлачи на храна во Македонија, а најмногу се фрла лебот како производ. Бизнисот, посочи, фрла храна, но одреден дел од бизнис-заедницата го покрива тој вишок или фрлање на храна.

„Во Македонија, според нашите истражувања, 70 до 80 илјади луѓе имаат два до три оброка неделно. Овие податоци се добиени врз основа на вкрстени истражувања во последните три-четири години од страна на 13 организации кои работат во 11 градови во државата. Во Скопје на дневна основа има потреба од минимум 13 илјади оброци, па дури и повеќе. Немаат потреба од храна само социјалните случаи, туку  и оние со ниски примања, а тие во Македонија се со најголем број“, рече Христов.

На денешниот настан се дискутираше и за националните и европските политики и правилници за последиците од фрлањето храна. Ангела Фриго, генерален секретар на Европската федерација на банки за храна – ФЕБА, рече дека во ЕУ многу се работи на ова прашање, односно на губењето храна, и информираше дека е започната платформа од страна на ЕК за анализа и изнаоѓање решение.

„Во ЕУ осум проценти од населението има проблеми со материјалната безбедност и оттука ЕУ работи на тој проблем и се обидува да им помогне. На европско ниво, годишно се фрлаат 88 илјади тони храна и тоа од самото производство до крајниот корисник. Половина од овој износ се фрла од самите домаќинства“, истакна Фриго

Светлана Црвенковска од Македонско здружение на млади правници истакна дека Македонија има солидно основно законодавство, но директно не се уредува што значи вишок храна, кои се непрофитните оператори со храна кои би ја дистрибуирале до сиромашното население, ниту пак има листа на производи кои би можеле да се донираат како храна, ниту пак листа на корисници на кои може да им  се донира вишокот храна.

М.В