/ Прочитано:

1.231

Потребни се законски измени за колективната заштита на правата на потрошувачите

Што е потребно да се направи за остварување на правата од колективната заштита во Република Македонија, е едно од прашањата кое се анализира во публикацијата „Колективната заштита на правата на потрошувачите во правото на ЕУ и РМ“, издадена од Организацијата на потрошувачите на Македонија. Автори на публикацијата се  Иво Костовски и Павле Костоски.

Донесување на нов Закон за заштита на потрошувачите

По долги дискусии и презентирање на потребата од донесување на нов Закон за заштита на потрошувачите, започна процедурата за негова изработка, а се очекува дека доследно ќе се транспонираат правилата за заштита на потрошувачите поставени со директивите на Европската Унија.

Со новиот закон, се вели во публикацијата, се очекува попрецизно да биде уредена постапката при колективната заштита на правата на потрошувачите, а дополнително треба да се наметне и потребата за измена и дополнување на законите со коишто се уредуваат посебни права на потрошувачите во одредени области (конкуренција, безбедност на храна и на производи, електронски комуникации и др.) со цел постигнување на целосна хоризонтална хармонизација.

„Кога станува збор, пак, за колективната тужба, таа секако ќе треба да биде предвидена во Законот за парничната постапка, односно да биде уредена постапката за колективна заштита. Исто така, треба да се реши прашањето за границите на правосилноста на одлуката која ќе биде донесена во постапка за колективна заштита на правата бидејќи, како што сега е уредено, судската одлука има дејство само спрема страните кои учествувале во постапката (inter partes), што може да се поистоветува со моделот ‘опт ин’ за колективна тужба, кој подразбира дека одлуката ќе има дејство само спрема оние кои се приклучиле кон колективната тужба“, се истакнува во публикацијата.

Во однос на финансирањето и трошоците на постапката, онака како што е сега уредено, страната што го губи спорот е должна да ги надомести сите трошоци на постапката, но судските такси се превисоки и за започнување на судската постапка неопходно е тужителот да ја плати судската такса во рок од 15 дена.

До денес сѐ уште не се определени овластени тела и фактички само декларативно имаме можност за колективна заштита на правата, но не и нејзино практично имплементирање.

Прецизирање на улогата на организациите на потрошувачи во колективната заштита на правата

„Покрај тоа што немаат активна легитимација за водење на постапка за колективна заштита на правата, организациите на потрошувачи практично не можат да водат постапка за колективна заштита и поради тоа што: немаат соодветни просторни услови и не се доволно технички екипирани, немаат интерни стручни капацитети и вработени лица, ниту пак имаат парични средства да ангажираат адвокат/адвокатска канцеларија со цел да добијат можност да поведат постапка пред судовите, а буџетските средства се недоволни за основната работа на овие организации во доменот на информирање и советување на потрошувачите, и тие од година во година не се зголемуваат, со цел да може да се финансира поведувањето на постапки за заштита на потрошувачите пред судовите“, се образложува во публикацијата.

Постојниот Закон за заштита на потрошувачите (ЗЗП), се додава во публикацијата, со само една реченица ја дефинира улогата на здруженијата на потрошувачи, односно вели дека тие се формирани од потрошувачите заради заштита и остварување на нивните права.

М.В