/ Прочитано:

389

Пратеници предлагаат измени на Законот за Собранието

Група пратеници предлагаат измени на Законот за Собранието.

„Поделбата на државната власт е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Според Уставот државната власт е поделена на законодавна, извршна и судска. Органите како носители на овие власти своите надлежности ги извршуваат врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот, со Деловникот и со Законот за Собранието на Република Македонија.

Тргнувајќи од  принципот на поделбата на власта, а имајќи предвид дека Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт, една од утврдените цели во Стратешкиот план на Собранието на Република Северна Македонија за 2021 – 2023 година, е неговата финансиска самостојност, односно независност од извршната власт при планирањето и утврдувањето на средствата за своето работење и функционирање.

Финансиската независност, подразбира Собранието самостојно да одлучува за користењето, распределбата и намената на средствата од Републичкиот буџет од разделот кој се однесува на Собранието и она што е најзначајно во постапката на подготвување на изменувањето и дополнувањето на Републичкиот буџет, средствата во Буџетот на Собранието не може да се намалуваат без согласност на Буџетскиот совет, но во постапка предвидена со овој закон  со која Собранието се усогласува со Министерството за финансии.

Од наведените причини се наметна потребата од изменување и дополнување на Законот за Собранието на Република Македонија и уредување на постапката за предлагање и донесување на буџетот на Собранието, кој пак се предлага да биде составен дел од Републичкиот буџет и за истиот Собранието да гласа посебно. Покрај ова се предлага и допрецизирање на надлежностите на Буџетскиот совет на Собранието.

Покрај финансиската независност со Стратешкиот план на Собранието на Република Северна Македонија за 2021 – 2023 година, како стратешки преоритет се утврди и реформа на Собранискиот канал како дел од целите за отворен парламент и доближување на работата на пратениците и на Собранието до граѓаните. Реформата на Собранискиот канал подразбира емитување на поквалитетна програма по примерот на другите парламенти во светот, за што е потребно формирање на собраниско студио кое ќе биде опремено со најнови технологии и квалификуван и стручен кадар.

Собранието за да може да ги информира граѓаните за својата работа и работата на пратениците потребно е на Собранискиот канал покрај директен пренос од седниците на Собранието, директни преноси и снимки од седниците на работните тела и на другите тела да се емитуваат и меѓународни активности, официјални државни посети и средби на претседателот на Собранието, на постојаните делегации во меѓународните парламентарни собранија, повремените делегации на Собранието и пратеничките групи за соработка со другите парламенти,  свечени настани кои се одржуваат во Собранието,конференции, културни и други настани кои се одржуваат во Собранието или настани кои се под покровителство на Собранието.  Покрај ова во иднина на Собранискиот канал се предлага да се  емитуваат и програми од работата на Собранието со учество на пратениците, едукативни  програми  и програми од информативен карактер кои Собранието ќе ги изработува самостојно или копродукциски.

Унапредувањето на Собранискиот канал ја наметна потребата од измена и дополна на Законот за Собранието на Република Македонија во делот за Собранискиот канал и допрецизирање на одредбите што се однесуваат за емитување на програмите на Собранискиот канал, надлежностите на Советот на Собранисиот канал и неговото работење“, се вели во образложението.