/ Прочитано:

1.364

Правдата не само што треба да е извршена туку треба и да е видлива

Судско-медиумскиот совет, при Здружението на судиите на Република Северна Македонија, го објави и го промовираше Прирачникот за судии и за новинари. Автори на Прирачникот се Џемали Саити, судија на Врховниот суд, претседател на Здружението на судиите на Република Северна Македонија, Рашел Коен, новинарка и заменик-уредник на „Бостон глоуб“, Андреј Божиновски, правен советник во Здружението на судиите на Република Северна Македонија, Васко Маглешов, новинар во „Призма“ – публикација на Балканската истражувачка мрежа, Ѓорѓи Андонов, судија и претседател на Основниот суд Штип, и Гордана Дувњак,  новинарка и претседател на Судско-медиумскиот совет. За целите на Прирачникот и за неговата намена разговараме со неговите автори.

Како дојде до идејата за создавање на овој прирачник?

„Идејата за создавање на Прирачникот е логичен тек на активностите на Судско-медиумскиот совет и е резултат на желбата да им се помогне на судските и на медиумските професионалци за полесно решавање на практични ситуации со кои се среќаваат секојдневно во работата. Тимот на Советот, составен од новинари, правници и судии, работеше на анализа на македонското законодавство, на европската и на американската пракса, барајќи и предлагајќи решенија кои ќе им бидат од полза на целните групи корисници“, Ѓорѓи Андонов, судија и претседател на Основниот суд Штип.

„Прирачникот е мала хрестоматија од сите согледувања и заклучоци кои беа изнесени на двегодишните работилници, дебати и состаноци на членовите на Судско-медиумскиот совет, на кои присуствуваа десетици судии, новинари и меѓународни експерти.

Тоа е всушност жанровски хибрид кој во себе компилира анализи на целокупното законодавство во сферата на транспарентноста на судството, како и практични совети кои би требало да им помогнат и на двете професии полесно да ја пребродуваат ерата на инфлација од информации и дезинформации. И не само тоа, во овој труд се посочени слабостите на легислативата кои би требало да бидат променети во иднина. Очекувам оваа прва публикација на Советот, за која веќе има интерес од редакциите, дека ќе биде увертира во следните вакви слични изданија“, Васко Маглешов, новинар во „Призма“ – публикација на Балканската истражувачка мрежа.

„’Транспарентноста’ како термин ја има во нашиот Устав и во уставите на речиси сите држави од поранешната Југославија, како и во уставите на државите од Источниот Блок. Меѓутоа, иако го имаме тоа право, ние сѐ уште не знаеме што претставува судската транспарентност, или како да го користиме тоа право како граѓани и дел од јавноста.

Реално, целиот концепт за работа за реформа на судската транспарентност немаше да биде возможен доколку Амбасадата на САД во Северна Македонија не ја препозна потребата што ја презентираше Здружението на судиите за формирање на Судско-медиумски совет, каде што судиите и новинарите отворено ќе ги адресираат проблемите во судството и ќе изнајдат солуции за тоа како да се оди напред. Прирачникот претставува сублимат на работата на првиот состав на Судско-медиумскиот совет на Република Северна Македонија. Сѐ започна пред 2 години, преку обуките за судии и новинари, кои беа организирани од страна на Здружението на судиите на Северна Македонија и Амбасадата на САД во Скопје, и на кои се утврди дека ова е критично време за судската транспарентност. Создавањето на Судско-медиумскиот совет се прифати како еден вид катализатор за овозможување на дебата и позитивна промена меѓу судиите и новинарите за подобрување на стандардите за судска транспарентност. Советот е конкретна можност македонските судии да соработуваат со новинарите кои известуваат за судските рочишта и отворено да ги адресираат проблемите во врска со транспарентноста на судовите, пристапот до списи од страна на новинарите, односот меѓу судскиот портпарол и новинарите и проблематичните одредби од позитивни законски решенија за да се изнајдат солуции за како да се оди напред. Првична солуција е да се направи овој Прирачник, кој, во вид на компендиум за судската транспарентност, ќе служи за трасирање на идните насоки и потребите за реформа на позитивните законски решенија. Прирачникот е само дел од активностите на Судско-медиумскиот совет кои треба да се реализираат во претстојниот период. Граѓаните заслужуваат судство кое ќе работи со интегритет, со транспарентност при одлучувањето на фактите и правото во секој индивидуален предмет, без никакви влијанија. Северна Македонија не може да биде правна држава со силна демократија без судство кое е транспарентно и независно од политиката“, Андреј Божиновски, правен советник во Здружението на судиите на Република Северна Македонија.

Кои теми се разработуваат во Прирачникот и која е неговата цел?

„Целта беше да се направи алатка која ќе ја олесни комуникацијата меѓу двете фели, ќе придонесе кон транспарентноста на судството и кон подобрување на перцепцијата за него во јавноста, како и да им помогне на судиите и судството генерално во менаџирањето на односите со јавноста, при што се стави акцент на уште поголема достапност на судските процеси за јавноста, како и на стратешкото постапување на судовите во делот на транспарентноста“,  – Андонов.

„Прирачникот има три дела и два таргети: судии и новинари. Во првиот дел се претставени стандардите и праксата на судската транспарентност во САД. Вториот дел нуди преглед на македонското законодавство, а третиот дел ги аспектира најважните прашања поврзани со улогата на судиите во онлајн просторот, способноста за разликување дезинформации и сл. Сето ова е поткрепено со мноштво документи: пресуди на Европскиот суд за човекови права, мислења од Европската мрежа на судски совети, како и други домашни и меѓународни документи“, –Маглешов.

„Токму за таа цел напоменав компендиум за судската транспарентност. Прирачникот содржи најзначајни американски, европски, регионални и домашни легислативни решенија и судска практика од Европскиот суд за човекови права. Понатаму, тој содржи европски и американски конкретни стандарди за известување на медиумите за кривични судења и општо известување на јавноста, без нарушување на принципот на правично судење, што го прави интересен за секој судија и новинар кој известува за кривични предмети во која било фаза од постапката. Најзначајни делови од Прирачникот се деловите за домашната легислатива de elge lata и de lege ferenda, односно како е и како треба да биде, каде што особено се назначува потребата за реформа на најзначајните закони, со акцент на Судскиот деловник, чии одредби се немаат променато од времето на Ранковиќ, да бидеме сериозни.

Прирачникот содржи, исто така, и одредби за тоа како треба да се однесуваат судиите во онлајн просторот, односно како етички да ги употребуваат социјалните мрежи, без да ги прекршат етичките правила од Кодексот за судска етика.

Најзначајниот дел можеби од целиот Прирачник се заклучоците и препораките дека судиите и новинарите треба да работат заедно, да изнајдат заеднички јазик за известувањето на јавноста и подлабоко ги запознаат двете професии. Без нивна соработка јавноста најмногу губи бидејќи ќе се доведеме во ситуација на единство на државната власт без јасен јавен надзорен механизам, а ниту еден од нас не сака да живее во таква држава“, – Божиновски.

Зошто е потребно овој прирачник да биде практично применет од судиите и од новинарите?

„Креирањето уедначена добра пракса е од заедничка полза за сите – и за судиите и правосудните работници, и за новинарите и медиумските работници. Оттаму, произлегува потребата за поголема примена на Прирачникот, но и од поголема дебата и детектирање на пречките кон остварувањето на целта – транспарентно судство. На тој начин ќе се воспостават и механизми за корекција – формални и неформални, но и правила и пракса која ќе се гради во од, како динамична категорија“, – Андонов.

„Би било пожелно да најде практична примена за новинарите за да ги осознаат сите правни модалитети кои гравитираат околу прашањата за судската и судиската транспарентност. На пример, отворено е прашањето дали треба да имаат право на жалба новинарите, доколку имаат одобрение за снимање на судењето од Врховниот суд, а судијата којшто суди не дозволи снимање во судницата. Меѓу другото, новинарите може да прочитаат какви се компаративните искуства од САД vis-à-vis кај нас.

На судиите, пак, покрај прегледот на законските аспекти, Прирачникот им нуди одлична можност да ги осознаат базичните филтри за тоа како да разликуваат што е неточна, што е погрешна, а што е малициозна информација. Освен тоа, Прирачникот содржи и практични совети за тоа како да се заштитат во онлајн просторот“, – Маглешов.

„Краток и концизен одговор е за доброто на граѓаните и јавноста. Меѓутоа Прирачникот не е задолжителен документ, туку информативен за секој од нас кој сака да знае како функционира практично судската транспарентност и односите меѓу судот и медиумите. Главната негова цел е преку практични примери да укаже дека медиумите не се непријател на судот, туку сојузник во правилното информирање за работата на судовите, особено во случаите на висок јавен интерес, како на пример случајот ‘Рекет’ и други“, – Божиновски.

Колку придонесува ова дело за јакнење на транспарентноста на судството, но и за квалитетот на новинарството?

„Од претходно изнесеното може да се заклучи дека ова е инклузивен процес – со придонес и на судството и на новинарите. Одговорното и професионално работење на сите засегнати, градењето на довербата помеѓу овие две фели и запазувањето на принципите и начелата на кои почиваат тие, како и почитувањето на меѓународните принципи по ова прашање, неминовно ќе придонесат за квалитативни промени, и во однос на транспарентноста на судството и во однос на квалитетот на известувањето за судските процеси од страна на новинарите“, – Андонов.

„Тоа е систем на врзани садови. Колку што се судовите поотворени и потранспарентни толку можноста за шпекулации е помала. Со тоа секако директно се влијае на квалитетот на новинарските содржини. Крајниот резултат би требало да ја подобри довербата на граѓаните во судската власт. Видливо е дека кога во една постапка има присутна јавност, судиите се особено внимателни за текот на постапката“, – Маглешов.

„Прирачникот ја изложува реалната слика на судската транспарентност од два аспекти: новинарски и судски аспект, односно како ја сфаќаат двете професии таа транспарентност. Двата аспекти укажуваат на промените што треба да се направат, укажуваат на местата каде што би требало да интервенира Судско-медиумскиот совет, како и на важноста на овозможување на дијалог со креаторите на политики.  Од друга страна, за автентичноста и за квалитетот на истражувањето во Прирачникот зборува и калибарот на авторите. Авторите се етаблирани новинари и судии, особено Шели Коен, која како новинар од ‘Бостон глоуб’ претставува златен стандард во новинарското известување“, – Божиновски.

Зошто делото е значајно за пошироката граѓанска јавност?

„Правдата не само што треба да е извршена туку треба и да е видлива. Со други зборови, ефектот од постигнувањето на правдата мора да се рефлектира и во јавноста со цел да превенира и да укажува. Јавноста мора да знае за работата и за одлуките на судот, а притоа и да биде на некој начин коректив на судското постапување. Имено, тој ‘позитивен’ притисок од јавноста несомнено придонесува за ревносно работење на судството, како и за подигнување на квалитетот. Секако, тенка е линијата помеѓу ‘позитивниот’ и ‘негативниот’ притисок, тие две категории често флуктуираат, па затоа и има потреба од сензибилизација на јавноста и одговорност и стручност во работата. Многу често, неодговорното или тенденциозно известување може да нанесе огромна штета, и за странките и за судството, со оглед на моќта што ја имаат медиумите при креирањето на јавното мислење. Затоа јавноста мора да знае да ги препознае тие состојби и да реагира на правилен начин, за што мора да ги има сите аргументи на увид, презентирани совесно и грижливо“, – Андонов.

„Пред сѐ, бидејќи ова е едно од ретките публикувани изданија кај нас каде што своите согледувања и анализи на едно место ги споделуваат две наводно многу различни професии: новинарската и судиската. Прирачникот, покрај неговата содржина, за пошироката јавност е индикатор дека меѓу судиите и новинарите нема антагонизам, туку напротив и двете професии се идентични: работат на свој начин за граѓаните, односно за јавниот интерес. Судската власт, за разлика од двете други: законодавната и извршната, со години беше под јавниот радар. Конечно по многу години стана јасно дека исто како и секој пратеник и министер и судиите се јавно именувани и мора да бидат под будното око на јавноста“, – Маглешов.

„Од две причини: првата причина е бидејќи јавноста е шеф на судиите и на новинарите. Тие работат за неа и во нејзина полза, а втората причина е што Северна Македонија не може да се нарекува демократска држава доколку јавноста се чува во сенка и квазитранспарентно се известува. Делото претставува едукативна алатка за македонската јавност, за тоа како функционираат судовите и овозможува преку тоа запознавање да формираат позитивна или негативна слика за македонското судство“, Божиновски.

Дали начелото на јавност, како точка на поврзување на судството со новинарството, ја има една од клучните улоги во процесот на реформирање на правосудниот систем?

„Процесите на зајакнување на транспарентноста на судството неминовно ќе придонесат за реформирање на правосудниот систем, и тоа како од формален аспект така и од аспект на менување на свеста кај сите нас, било да сме директно или индиректно вклучени во тие процеси. За тоа треба време, а наша задача е да ги зајакнеме постојните постулати на транспарентноста и да креираме нови, во духот на времето и соодветно на едно демократско општество“, – Андонов.

„Несомнено. Изминатите години јавноста можеше во живо да чуе пресуди на судии за поранешни високи функционери. Ова е особено важно бидејќи пресудата се изрекува во нивно име. Судиите при читањето на изреката на пресудите упатуваа и пораки за генерална и специјална превенција. Оваа поголема видливост на правдата е круцијална бидејќи, како што пишува во Бенгалорските принципи на ООН, не е важно правдата само да биде задоволена, туку и да се види дека е задоволена. Тој канал на трансмисија го имаат новинарите, односно медиумите.

Секако дека има уште многу отворени прашања во делот со транспарентноста на судовите, но првиот чекор е направен. Фокусот во следниот период би требало повеќе да биде насочен кон Јавното обвинителство бидејќи тоа е институција која сѐ уште е доста затворена. Има потези кои се за поздравување, но недостасуваат брифинзи, прес-конференции, пристап до обвиненија, особено за високопрофилните случаи, за кои е заинтересирана јавноста“, – Маглешов.

„Апсолутно. Јавноста е шеф и на судиите и на новинарите. Судските пресуди се носат во името на јавноста, а новинарите имаат света должност да не ја манипулираат, туку непристрасно да известуваат. Од тие причини потребно е итно да се адресираат реформите, особено оние во врска со владеење на правото, а посебно во справување со кризата во судството. Ќе биде потребна вистинска храброст, не само од страна на политичките лидери туку и од судиите и новинарите, за да се осигурат вистински реформи во судството, кои ќе нѐ ослободат од спиралниот круг кој нѐ уништува однатре и кој ја издава довербата на граѓаните. Реални и содржајни реформи се принципите зад кои стојат САД и ЕУ“, –  Божиновски.

За Прирачникот за судии и новинари на Судско-медиумскиот совет при Здружението на судии

М.В