/ Прочитано:

866

Правно мислење на Врховниот суд за трошоци за вештачење

Одделот за граѓански дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, расправајќи по правнoтo прашањe од интерес за единствената примена на правото и воедначување на судската пракса, на седница одржана на ден 15.05.2023 година, го донесе следното:

ПРАВНО МИСЛЕЊЕ

На странката и следуваат трошоци на име надомест за изготвено вештачење и покрај тоа што не е доставен доказ дека е платено за изготвеното вештачење.

Образложение

На Работната средба на граѓанските оддели на четирите апелациони судови, одржана на ден 06.10.2021 година, расправано е правното прашање дали на странката и следуваат трошоци на име надомест за изготвено вештачење во услови кога странката во прилог на тужбата или одговорот на тужба не доставува доказ дека е платено вештачењето туку приложува фактура изготвена од вештото лице. Со оглед дека не биле усогласени мислењата на четирите апелациони судови, заклучено е дека правното прашање треба да го разгледа и по истото да се изјасни Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Рeпублика Северна Македонија, расправајќи по поставеното правно прашање, го утврди правното мислење поради следните причини:

Согласно член 145 став 1 од Законот за парничната постапка, парничните трошоци ги сочинуваат издатоците направени во текот или по повод на постапката.

Согласно член 148 став 1 од истиот закон, странката која во целост ќе ја загуби парницата е должна на противната страна и на нејзиниот замешувач да и ги надомести трошоците.

Согласно член 149 став 1 од истииот закон, при одлучувањето кои трошоци ќе и се надоместат на странката судот ќе ги земе предвид само оние трошоци што биле потребни за водење на парницата. За тоа кои трошоци биле потребни, како и за висината на
трошоците одлучув а судот, оценувајќи ги грижливо сите околности. Согласно став 2 од истиот член, наградата и другите трошоци на адвокатите се одмеруваат според тарифата за надоместок на трошоците на адвокатите.

Во смисла на одредбата од член 241 став 1 од истиот закон, меѓу другото, вештакот има право на награда за извршеното вештачење.

Поаѓајки од содржината на наведените одредби од Законот за парничната постапка, произлегува дека вештото лице има право на награда за извршеното вештачење, а странката која во целост ќе ја загуби парницата е должна на противната страна да и ги надомести меѓу другите трошоци и трошоците за извршеното вештачење.

Вештото лице за извршената услуга издава фактура која е основ за побарување на износот содржан во неа од нарачателот на услугата. На тој начин се заснова облигационо-правен однос меѓу нив кој се остварува согласно одредбите од Законот за облигационите односи. Околноста дали странката-нарачателот на вештачењето го платила изготвениот вешт наод и мислење не е од релевантно значење за судот при досудување на трошоците на постапката на име вештачење, од причина што тоа е однос помеѓу две договорни страни со кој е регулиран начинот, условите и роковите на плаќање за извршена услуга.

Ова дотолку повеќе што судот и по однос на трошоците за составување на поднесоци и застапување на странката од адвокат, ги досудува трошоците на странката која успеала во спорот независно дали тие трошоци таа ги надоместила на извршителот на услугата-адвокатот, односно без доказ од странката дека услугата е платена на адвокатот.

Со оглед на напред наведеното, на странката и следуваат трошоци на име надомест за изготвено вештачење и покрај тоа што не е доставен доказ дека е платено за изготвеното вештачење, ако се има во предвид дека за изготвено вештачење правното лице или вештото лице издава фактура со која го задолжува нарачателот да му плати за сработеното со што се создава друг облигационен правен однос.

 

Извор: Правни мислења и заклучоци