/ Прочитано:

902

Начелно правно мислење за неактивен субјект

Врховниот суд на Република Северна Македонија на Општата седница одржана на 27.12.2023 година, расправајќи по иницијативата поднесена од адвокат м-р Оливер Гашев од Велес Су-03.бр.695/22 од 10.11.2022 година, согласно член 101 од Уставот на Република Северна Македонија и член 37 став 1 точка 1 од Законот за судовите („Службен весник на РМ“ бр. 58/06, 35/08, 150/10, 83/18 и 198/18 и „Службен весник на РСМ“ бр.96/19), го утврди следното:

НАЧЕЛНО ПРАВНО МИСЛЕЊЕ

На трговско друштво избришано поради утврден статус на неактивен субјект кое има имот не може да се постави ликвидатор за распределбата на истиот и да се спроведе постапка за ликвидација.

Образложение

До Врховниот суд на Република Северна Македонија поднесена е иницијатива од адвокат Оливер Гашев од Велес согласно член 37 од Законот за судовите („Службен весник на РМ” бр. 58/06, 35/08, 150/10, 83/18 и198/18 и „Службен весник на РСМ“ бр.96/19) за утврдување начелен став и начелно право мислење, поради постоење на различна судска практика по однос на примената на член 549 од Законот за трговските друштва во врска co член 552-а и член 552- б од истиот закон. Според подносителот заради еднаква примената на законите потребно е Општата седница да се изјасни по однос на следново правно прашање:

„Дали при состојба кога трговското друштво е бришано според член 552-а и член 552-6 од Законот за трговските друштво судот треба согласно член 549 од истиот закон да постави ликвидатор на бришаното друштво кое има имот за водење на ликвидациона постапка и во која по намирување на доверителите имотот ќе се распредели на содружниците согласно одредбите од глава XI од Законот за трговските друштва, или пак, во ваков случај, за распределба на имотот примена наоѓаат единствено одредбите од член 552-а став 3 и став 4 така што содружниците ќе го распределат имотот меѓу себе?“.

Кон иницијативата се приложени повеќе судски одлуки од чија анализа произлегува дека постои различна судска практика по однос на наведеното правно прашање, и тоа во рамки на исто апелационо подрачје, па е потребно согласно член 101 од Уставот на Република Северна Македонија, член 37 од Законот за судовите и член 63 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на РСМ“ бр. 14/22), Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија да утврди начелно правно мислење заради обезбедување на единство co примената на законите од страна на судовите.

Согласно член 552-а став 1 од Законот за трговските друштва („Службен весник на РМ“ бр. 28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/10, 48/10, 24/11, 166/12, 70/13, 119/13, 120/13, 187/13, 38/14, 41/14, 138/14, 88/15, 192/15, 6/16, 30/16, 61/16, 64/18 и 120/18 и „Службен весник на РСМ“ број 290/20, 215/21 и 99/22), Централниот регистар на Република Македонија е должен во рок од 30 дена по настапувањето на условите за бришење на неактивен субјект во постапка согласно co членот 477-а од овој закон на својата веб страница да објави соопштение за тоа и да спроведе постапка за негово бришење. Во соопштението се наведува називот на трговското друштво, неговиот ЕМБС и седиштето причината за бришење известувањето за правните последици од бришењето и рокот за постапување по известувањето. Истовремено co соопштението се повикуваат законските застапници, односно лицата и органите овластени за управување, застапување и надзор на субјектот, содружниците, како и доверителите (овластени псдносители) во рок од една година од денот на објавувањето на соопштението да поднесат предлог за стечај согласно co Законот за стечај или предлог за ликвидација согласно co овој закон и за тоа писмено да го известат Централниот регистар на Република Македонија. За објавеното соопштение Централниот регистар на Република Македонија ја известува јавноста најмалку преку еден печатен медиум кој излегува на целата територија на Република Македонија и на националниот радио и телевизиски јавен сервис.

Според ставот 2 од истиот член и закон, доколку во рокот определен во ставот (1) на овој член Централниот регистар на Република Македонија не добие известување за поднесен предлог за ликвидација, односно предлог за отворање на стечајна постапка од страна на овластен подносител, го брише субјектот и бришењето го објавува на својата веб страница, а кога се работи за трговски друштва, во објавата се повикуваат и содружниците, односно акционерите на бришаните друштва да го распределат имотот на друштвото меѓу себе согласно co ставот (4) на овој член.

Во ставот 3 е предвидено дека доколку Централниот регистар на Република Македонија во рок од една година од истекот на рокот од ставот (1) на овој член, не добие решение за отворање на стечајна постапка, односно не е отворена постапка за ликвидација согласно co одредбите од овој закон, Централниот регистар на Република Македонија го брише субјектот и бришењето го објавува на својата веб страница, а кога се работи за трговски друштва, во објавата се повикуваат и содружниците, односно акционерите на бришаните друштва да го распределат имотот на друштвото меѓу себе согласно co ставот (4) на овој член.

Во ставот 4 од истиот член е предвидено дека движниот имот на трговските друштва избришани согласно co членот 552-а од овој закон се распределува во рок од една година од денот на донесувањето на решението за бришење. Паричните средства и недвижниот имот се распределуваат во рок од десет години од денот на донесувањето на решението за бришење. Доколку по истекот на овие рокови не дојде до распределба на имотот на друштвото, односно до распределба на новопронајден имот истиот се пренесува во сопственост на Република Македонија, co обврска движниот имот да се чува една година, а недвижниот имот и паричните средства десет години. Во овој рок основачите имаат право во судска постапка да ја докажуваат сопственоста на имотот и да бараат враќање на истиот.

Согласно ставот 5, Централниот регистар на Република Македонија секој месец на својата веб страница објавува преглед на трговци поединци и трговски друштва кои согласно co овој член се избришани од трговскиот регистар во текот на претходниот месец, врз основа на кој надлежните органи и институциите постапуваат во рамките на нивните надлежности.

Co погорецитираните законски одредби е регулирано бришењето на неактивни субјекти од Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, како и распределбата на имотот на трговските друштва кои се бришани co примена на овој специфичен правен институт.

Имено, co наведените одредби законодавецот им дава право на законските застапници, односно лицата и органите овластени за управување, застапување и надзор на субјектот, содружниците, како и доверителите (овластени подносители) co цел да ги заштитат своите права во рокот од 1 година откако Централниот регистар на РСМ ќе објави соопштение согласно закон за настапување на условите за бришење да поднесат предлог за стечај согласно co Законот за стечај или предлог за ликвидација согласно Законот за трговските друштва и за тоа писмено да го известат Централниот регистар на РСМ. Меѓутоа, законодавецот, исто така, изречно определува дека доколку Централниот регистар на РСМ во рок од една година од истекот на рокот не добие решение за отворање на стечајна постапка, односно не е отворена постапка за ликвидација согласно co одредбите од овој закон, го брише субјектот и бришењето го објавува на својата веб страница, а кога се работи за трговски друштва, во објавата се повикуваат и содружниците, односно акционерите на бришаните друштва да го распределат имотот на друштвото меѓу себе согласно co став 4 на член 552-а. Од ваквиот текст на законската одредба произлегува дека наведеното право на овластените подносителите е временски ограничено co законски и преклузивен рок од 1 (една) година, по чиј истек подносителите не се овластени да ги штитат своите правни интереси, односно правните интереси на друштвото. Впрочем, ваквото стојалиште произлегува и од самата природа на бришењето на субјектот поради неговата пасивност и неисполнувањето на основните обврски за финансиско известување, од каде се црпи заклучок дека бришаното друштво престанало да ја остварува својата основна цел – вршење на дејност за остварување на добивка.

Од погоре наведеното произлегува дека при бришење на трговско друштво согласно член 552-а од Законот за трговските друштва поради утврден статус на неактивен субјект по однос на распределба на неговиот имот исклучиво примена наоѓа одредбата од ставот 4 од истиот член co која е определено дека движниот имот на трговските друштва избришани по овој основ се распределува во рок од една година од денот на донесувањето на решението за бришење. Паричните средства и недвижниот имот се распределуваат во рок од десет години од денот на донесувањето на решението за бришење. Доколку по истекот на овие рокови не дојде до распределба на имотот на друштвото, односно до распределба на новопронајден имот истиот се пренесува во сопственост на Република Македонија, co обврска движниот имот да се чува една година, а недвижниот имот и паричните средства десет години. Во овој рок основачите имаат право во судска постапка да ја докажуваат сопственоста на имотот и да бараат враќање на истиот. Впрочем, ако се има во вид определениот круг на лица кои можат да поднесат предлог за отворање на стечај или спроведување на ликвидација од ставот 1, а кој е ограничен co позитивна енумерација на оние субјекти кои според својата положба остварувале некој легитимен правен интерес од работењето на трговското друштво кое е избришано, неспорно е дека истите според принципот ignorantia legis neminem excusat не можат да се повикаат на одредбите за спроведување на ликвидација по однос на бришаното друштво. Ова ако се има во вид дека co неподнесувањето на соодветен предлог на нив е преминат ризикот и одговорноста за нивното (не)дејствување, при што од една страна соопштението за бришењето е јавно достапно, а од друга страна и самата одредба од ставот 4 обезбедува правна заштита и ги овластува основачите на друштото во судска постапка да ја докажуваат сопственоста на имотот и да бараат враќање на истиот.

Оттука, при постоење на изречни законски одредби за начинот на распределба на имотот на бришаното друштво кое било co статус на неактивен субјект помеѓу содружниците, односно акционерите, произлегува дека во случајов не може да се примени одредбата од член 549 од Законот за трговските друштва co која е предвидено дека доколку по спроведена ликвидација се пронајде имот на бришеното друштво судот на предлог на лице co правен интерес може повторно да ги повика ликвидаторите или да постави нови заради постапување според одредбите за ликвидација, a co оглед да во случајот воопшто и не е спроведена ликвидација.

 

Врховен суд
на Република Северна Македонија

Општа седница