/ Прочитано:

738

Сентенца на Врховниот суд за лиценца за вештачење

На 6 ноември 2023 година, Врховниот суд објави сентенца од Пресудата ПСРРУ.бр.76/2020 од 21.12.2020 година од управната област (право на судење во разумен рок – барање за заштита на правото за судење во разумен рок), за лиценца за вештачење.

 

Сентенца

Постапката спроведена по барање за стекнување лиценца за вештачење без полагање на стручен испит согласно Законот за вештачење, не е опфатена со член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, бидејќи не се работи за постапка која предизвикува „спор“ во кој се одлучува за граѓански права и обврски на подносителот на барањето.

Образложение

Барањето за заштита на правото на судење во разумен рок е неосновано.

Согласно член 35 став 1 точка 5 од Законот за судовите („Сл.весник на РМ“ бр.58/06, 35/08,150/10, 83/18, 198/18 и „Сл.весник на РСМ“ бр.96/19), Врховниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок, во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Македонија, во согласност со Европската конвенција за човекови права и основни слободи и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Согласно член 36 став 1 од истиот закон, странката која смета дека надлежниот суд го повредил правото на судење во разумен рок, има право да поднесе барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд на Република Македонија.

Според став 4 од истиот член, Врховниот суд на Република Македонија постапува по барањето кое ги исполнува критериумите утврдени во ставовите (2) и (3) на овој член во рок од шест месеца од неговото поднесување и одлучува дали понискиот суд го повредил правото на судење во разумен рок, притоа имајќи ги предвид правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи, а особено сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал.

Според член 6 став 1 од Европската конвенција за човековите права и основните слободи, секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него.

Во конкретниот случај, поднесеното барање за заштита на правото на судење во разумен рок се однесува на постапка иницирана со барање од сега подносителката до Министерството на РСМ со барање за стекнување со лиценца за вештачење без полагање на стручен испит, од областа на криминологијата, согласно Законот за вештачење член 20 став 1 (Сл.весник на РМ бр.15/10, бр.12/14, бр.43/14, бр.148/15 и 64/18), а која подоцна продолжила и пред Управниот суд. Карактеристика на оваа постапка е тоа што од неа не произлегува и не настанува „спор“ како „граѓанско право“, ниту исходот на постапката непосредно е одлучувачки за таквото негово право. Врховниот суд на Република Северна Македнија смета дека за поимот „спор“ од „граѓански права и обврски“ треба да се има во предвид целта на барањето кое мора за значи овозможување подносителот да оствари некое свое граѓанско право, предвидено со законите на Република Македонија. Дали некое право треба да се смета како граѓанско право према значењето на тој поим во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, треба да се одреди на начин што нема да се цени само неговата правна квалификација, туку и неговата материјална содржина и дејствија.

Оттука, Врховниот суд на Република Северна Македонија наоѓа дека постапката спроведена по барање за стекнување со лиценца за вештачење без полагање на стручен испит, од областа на криминилогијата согласно Законот за вештачење член 20 став 1 не е опфатена со членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, бидејки не се работи за постапка која предизвикува „спор“ во кој се одлучува за граѓански права и обврски на подносителката на барањето.

Поради погоре наведеното, Врховниот суд на Република Северна Македонија наоѓа дека барањето за заштита на правото на судење во разумен рок е неосновано и следуваше да се одлучи како во изреката на решението, согласно член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и член 35 и член 36 од Законот за судовите.

Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија ПСРРУ.бр.76/2020 од 21.12.2020 година.