/ Прочитано:

2.281

Предложени измени на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот

Владата во Собранието поднесе измени_на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот. Предложените измени и дополнувања на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот имаат за цел хармонизација со прописите на ЕУ од областа на цивилното воздухопловство.

Со Законот за задолжително осигурување во сообраќајот се уредува задолжителното осигурување на: патниците во јавен превоз од последици на несреќен случај – незгода; сопствениците, односно корисници на моторни и приклучни возила; сопствениците, односно корисници на воздухоплови и сопствениците, односно корисници на бродови, односно чамци на моторен погон, од одговорност за штети предизвикани на трети лица во сообраќајот.

„Согласно со Законот, задолжителното осигурување во воздухопловниот сообраќај го опфаќа осигурувањето на патници во јавен превоз од последици на несреќен случај и осигурувањето од одговорност за штети што воздухопловот може да ја предизвика на трети лица, поради смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, уништување или оштетување на предмети во текот на летот или додека воздухопловот е на земја.

Законот за задолжително осигурување во сообраќајот не уредува осигурување за штета предизвикана на багаж, ствари, штети предизвикани на трети лица од воздухоплови без екипаж, како и осигурување за штета предизвикана на патници при некомерцијални операции со воздухоплови.

На авиопревозниците, односно операторите на воздухоплов што летаат во рамките на, во, од или преку територијата на Република Северна Македонија, им се воведува обврска за задолжително склучување договор за осигурување од одговорност за штета. Принципите за осигурувањето и минималните суми на осигурување за штета предизвикана на патници, багаж, ствари и/или на трети лица се уредени согласно со одредбите на Регулативата (ЕЗ) 785/2004 од 21 април 2004 година за условите за осигурување на авиопревозници и оператори на воздухоплови изменета со ЕУ Регулативите 1137/2008 и 285/2010 која е преземена согласно со Анексот I од Мултилатералната спогодба за основање на Европска заедничка воздухопловна област од 9 јуни 2006 година.

Со цел усогласување на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот со регулативите од областа на цивилното воздухопловство, како и проширување на опсегот на задолжително осигурување во авиосообраќајот, се предлагаат негово изменување и дополнување.

Исто така, со цел подобрување на правата на оштетените лица при сообраќајна незгода, во насока на забрзување на процесот на обесштетување, се предлага дополнување на Законот“, се вели во законското образложение.

Основните решенија што се предлагаат во предложените измени се:

– проширување на опсегот на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, односно со измената се воведува задолжително осигурување на багаж и ствари, штети предизвикани на трети лица од воздухоплови без екипаж, како и осигурување за штета предизвикана на патници при некомерцијални операции со воздухоплови;

– проширување на oбврската за задолжително осигурување на авиопревозник, односно оператор на воздухоплов кој не е од Република Северна Македонија, односно кој не е од земја членка на Мултилатералната спогодба за основање на Европска заедничка воздухопловна област, кои само вршат прелет преку територијата на Република Северна Македонија, за покривање на одговорноста за штета предизвикана на трети лица во кои спаѓа секое правно или физичко лице кое не е патник или член на екипаж во воздухоплов;

– подобрување на правата на оштетените лица при сообраќајна незгода, во насока на забрзување на процесот на обесштетување.

М.В