/ Прочитано:

1.339

ПРЕДМЕТ „ТРАНСПОРТЕР“: Мерка притвор за еден осомничен и мерки за обезбедување присуство за тројца осомничени

Како што потврдуваат од Кривичниот суд, во текот на вчерашниот ден, пред судија на претходна постапка по предлог од СЈО биле изведени и сослушани четири лица. Од Судот најавуваат официјална информација за притворот и за мерките кога ќе бидат сослушани сите осомничени за кои има предлог Специјалното јавно обвинителство.

Основен суд Скопје 1

Во предметот „Транспортер“, кој го отвори Специјалното јавно обвинителство, биле определени мерка притвор за едно осомничено лице и мерки за обезбедување на присуство за тројца осомничени.

Како што потврдуваат од Кривичниот суд, во текот на вчерашниот ден, пред судија на претходна постапка по предлог од СЈО биле изведени и сослушани четири лица. За еден од осомничените е определена мерка притвор во траење од 30 дена, додека за останатите тројца се определени мерки за обезбедување, односно одземање на патната исправа, обврска да се јавуваат кај овластено лице во суд и забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето.

За останатите лица за кои СЈО има предложено мерки од Судот најавуваат официјална информација откако ќе бидат сослушани сите осомничени за кои има предлог.

Дваесет и две лица, меѓу кои како првоосомничен се јавува градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, и злоупотреба на 360 илјади евра од Буџетот на Република Македонија преку злоупотреба на службената положба, се дел од новиот предмет што го отвори Специјалното јавно обвинителство, под име „Транспортер“.

Осомничените се товарат дека сториле кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 од КЗ. Во однос на градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талевски, не беше донесена наредба за спроведување на истражна постапка поради правни пречки – помилување од страна на Претседателот на државата.

Против 11 лица до Основниот Суд во Скопје ќе биде поднесен предлог за определување најстрога мерка за обезбедување присуство во постапката – мерка притвор, поради постоење на сите основи предвидени во членот 165 од Законот за кривичната постапка за определување ваква мерка.

Специјалното јавно обвинителство најави дека до Судот ќе поднесе и предлози за изрекување мерки против имотот на дел од осомничените и на дел од превозниците како правни лица кои поради кривичните дела стекнале имотна корист, со конкретно барање за забрана за располагање со имотот. Конкретно, ќе биде побарана забрана за располагање со 3 стана, 8 патнички моторни возила  и 33 автобуси со цел да биде надоместена предизвиканата шета.

„Вакви мерки ќе бидат побарани и против имотот на градоначалникот на Општина Битола бидејќи помилувањето, како акт на милостина од Претседателот, во овој случај само спрема градоначалникот, не ја опфаќа ниту имотната корист од кривичното дело, ниту штетата што е должен да ја надомести“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

М.С.