Пресудата на ЕСЧП „Синадиновска против РСМ“ во врска со правото на правична судска постапка
Врховниот суд утврди повеќе заклучоци поврзани со пресудата на ЕСЧП „Синадиновска против РСМ“. Во овој случај до Европскиот суд за човековите права апликантката се жалела повикувајќи се на член 6 § 1 и член 1 од Протоколот бр.1 од Конвенцијата, дека домашните судови одлуките ги засновале на недоволно образложени причини, како и поради должината на сопственичките спорови со нејзините соседи. Во предметот, Судот одлучи дека постои повреда на член 6, став 1 од Конвенцијата поради прекумерно долгото траење на постапките. Членот 6 од Европската конвенција се однесува на правото на правична судска постапка.
„Секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него. Пресудата се изрекува јавно, а новинарите и публиката можат да бидат исклучени за време на целата или на дел од постапката во интерес на моралот, јавниот ред или националната безбедност во едно демократско општество, кога тоа го наложуваат интересите на малолетник или заштитата на приватниот живот на страните во спорот, или кога тоа судот го смета за неопходно затоа што во посебни околности публицитетот би можел да им нанесе штета на интересите на правдата“, се пропишува во ставот 1 од членот 6. Пресудата на ЕСЧП преведена на македонски јазик може да се преземе на следниот линк.
Инаку, како што утврди Врховниот суд, пресудата на Европскиот суд за човекови права Синадиновска против Република Северна Македонија А.бр.27881/06 од 16 јануари 2020 година ќе претставува референтна одлука на која овој суд ќе се повикува и ќе ја цитира секогаш, кога ќе одлучува во предмети кои се слични со случајот Синадиновска против РСМ.
Врховниот суд утврди повеќе заклучоци поврзани со пресудата на ЕСЧП „Синадиновска против РСМ“
М.В