Претседателот на Собранието нема да го потпише Законот за употреба на јазиците наместо претседателот на Републиката
Нема да се впуштам да ставам потпис во нечие друго име, изјави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери во врска со непотпишувањето на Законот за употреба на јазиците од страна на претседателот на РМ, Ѓорге Иванов. Џафери повторно нагласи дека должност на Иванов е да го потпише Законот по второто гласање и дека со непотпишувањето на Законот го крши Уставот.
Се разгледуваат, посочи претседателот Џафери, можните решенија за излез од настанатата ситуација со Законот за употреба на јазиците.
Вчера и премиерот Зоран Заев изјави дека правниците во Владата и во Собранието разработиле други механизми за решавање на проблемот околу Законот за употреба на јазиците. Според правниците, истакна Заев, има уште неколку опции. Оваа одлука на претседателот да не го потпише указот, нагласи премиерот, значи дека е блокирана надлежноста на Парламентот, а ниту една институција не смее да биде блокирана.
Според поранешниот уставен судија Игор Спировски, претседателот на државата е должен да го потпише Законот, кој не може да се објави и да влезе во сила без неговиот потпис
„Тој е должен да го направи тоа бидејќи Законот е донесен од Собранието, а она што недостига е неговото прогласување и објавување во ‘Службен весник’, а дел од таа одговорност, според Уставот, ја има и претседателот на државата, кој не сака да ја спроведе. Мислам дека никој не може да го замени потписот на претседателот на Републиката на указот. Тоа значи дека без неговиот потпис Законот не може да се објави и да влезе во сила, иако е донесен“, смета Спировски, кој додава и дека во овој случај не постои судир на надлежности помеѓу Собранието и претседателот на РМ.
М.В