Презентиран Алтернативниот извештај на невладините организации за состојбата со правата на децата во Македонија
Во пресрет на Меѓународниот ден на човековите права – 10 декември, Првата детска амбасада во светот Меѓаши – Република Македонија го презентираше Алтернативниот извештај на невладините организации за состојбата со правата на децата во Македонија. Видеото од презентацијата може да се погледне на следниот линк.
Подготовката на извештајот ја раководеше Детската амбасада Меѓаши, а свој придонес дадоа повеќе од триесет организации и неформални граѓански групи, од кои најголемиот дел се членки на Македонската национална коалиција за правата на детето.
Извештајот беше поднесен до Комитетот за правата на детето при ООН, како дел од периодичниот циклус на известување за спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето во државата. Истиот овозможува детална анализа на широк спектар прашања поврзани со правата на децата од последните десет години, структурирани во осум теми: општи мерки на имплементација, генерални принципи, граѓански права и слободи, насилство врз децата, семејна средина и алтернативно згрижување, попреченост, општа здравствена состојба и добросостојба, образование, одмор и културни активности и посебни мерки на заштита.
Во извештајот се укажува на бројни проблеми од овие области, вклучително:
Општи мерки за имплементација
- Недостигот на стратешки документи за заштита и унапредување на правата на децата на национално и локално ниво, и координативно тело за следење на спроведувањето на Конвенцијата за правата на децата.
- Слабо спроведување на законите и ограничени финансиски, човечки и технички ресурси како главни пречки за целосна реализација на детските права.
Генерални принципи
- Чести случаи на непостапување согласно најдобриот интерес на детето од страна на институциите и особено центрите за социјална работа.
- Постоење на дискриминација на децата по основ на возраста, полот и финансиската состојба на нивното семејство, сегрегација на учениците Роми, исклученост на децата од социјално загрозени семејства од образовниот процес за време на пандемијата од ковид-19 и бројни пречки со кои децата со попреченост се соочуваат во пристапот до образовните, здравствените и другите институции. Пристапноста до училишните згради, внатрешните простории и соодветните дидактички средства не е обезбедена во задоволителна мера. Стручните тимови се некомплетни во голем дел од училиштата и градинките, а наставниците не располагаат со соодветни знаења и вештини за работа со ученици со попреченост.
Граѓански права и слободи
- Сè уште постојат деца кои не се регистрирани во матичната книга на родените, од кои повеќето се Роми, но нивниот точен број не се знае.
- Државата нема преземено мерки за елиминирање на практиката на тајно посвојување, што не е во согласност со Конвенцијата за правата на детето.
- Средношколското организирање сѐ уште не е законски регулирано. Децата не го уживаат целосно нивното право на мирно собирање, дел од средношколците учесници на протести во изминатиот период беа изложени на закани од страна на училишните раководства, како и на обиди за партиското етикетирање во пошироката јавност.
- Нарушувањето на приватноста на децата во сајбер просторот е сè поактуелен проблем, особено злоупотребата на личните податоци на деца на социјалните мрежи.
- Насилство врз деца
- Десет проценти од децата биле жртва на насилство, додека повеќе од 20% познаваат врсник кој бил жртва на насилство. Децата најчесто наведуваат примери на врсничко насилство во училиштата. Сè уште постои висока стапка на насилно дисциплинирање.
- СОС-телефонот за деца и млади на Меѓаши не е финансиски поддржан ниту од државата, ниту од телекомуникациските оператори, што е и основна пречка за обезбедување бесплатна 24-часовна линија за помош и шестцифрен број согласно европските практики и препораките на Комитетот од 2010 година.
Семејна средина и алтернативно згрижување
- Повредата на правото на детето да остварува лични и непосредни контакти со родителот со кого не живее е проблематика на која се однесуваат најголем број од претставките до Народниот правобранител во изминатите години, и најчестата причина за јавувањата на СОС-телефонот за деца и млади на Меѓаши.
- Не е воспоставен ефективен систем за обезбедување надомест на средства за издржување на детето од страна родителот на кој не му е доделено детето на чување по развод.
Општа здравствена состојба и добросостојба
- Постои сериозна загриженост за нискиот човечки капацитет во здравствениот сектор, особено намалениот број на педијатри и несоодветната обезбеденост со лекари во дејноста за здравствена заштита на училишни деца и младина. Децата наведуваат бројни случаи кога нивни врсници не добиле соодветна лекарска помош, особено од почетокот на пандемијата од ковид-19.
- Грижата за менталното здравје на децата не претставува јавноздравствен приоритет и е под нивото на грижата за физичкото здравје. Значително се намалени сервисите за ментално здравје за деца и млади и нивниот квалитет, а нема ниту соодветен план за нивен развој.
- Загадувањето на воздухот во урбаните средини е континуирано над европските стандарди и претставува алармантен проблем. Енормното аерозагадување во зимскиот период е проблем за 2/3 од децата, кои истакнуваат дека истото се одразува на нивното физичко и ментално здравје, им го ограничува секојдневното функционирање и ги принудува да останат во своите домови.
- Секое трето дете во државата живее во сиромаштија. Паричната вредност на социјалните надоместоци е премногу ниска, додека постоечките услуги за социјална грижа и поддршка се недоволно развиени и не обезбедуваат адекватен животен стандард за децата.
Образование
- Покрај трендот на зголемување на опфатот на деца со предучилишно образование, истиот е на незадоволително ниво.
- Пристапот до образование е особено предизвик за децата Роми, а надвор од образовниот систем остануваат и учениците кои ги немаат примено потребните вакцини, за што не е најдено адекватно решение.
- Пандемијата од ковид-19 значајно го отежни образовниот процес, не сите ученици беа во можност да следат онлајн настава (поради немањето технички уреди и интернет) и да добијат исто ниво на поддршка во домот.
- Изминатите образовни реформи вообичаено се одвиваа без консултација на главните чинители (наставниот кадар, децата и родителите), поради што истите не ги постигнaa во целост предвидените цели. Компетенциите на учениците во читање, математика и природни науки се под меѓународниот просек.
Специјални мерки на заштита
- Нема прецизна евиденција за број на деца на улица/улични деца, од кои најголем дел се Роми. Работата на улица е најзастапената форма на злоупотреба на детски труд и истата ретко се санкционира. Отсуствува системски одговор од државата за соодветна заштита и поддршка на оваа група деца и нивните семејства.
- Државата не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе. Постојат повеќе негативни практики во постојниот систем.
- Во системот на правда за децата остануваат бројни предизвици, како неисполнувањето на законската обврска за формирање совети за превенција на детско престапништво во најголем дел од општините, неприменувањето на формите на ресторативна правда од страна на судовите и јавните обвинителства, необезбеденоста на ДСПДП со соодветни услови за работа. Мерките на превенција, институционален и вонинституционален третман остануваат под меѓународните стандарди.
М.В