/ Прочитано:

2.444

Презентирана нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот сeктор

Работната група за изготвување на стратегијата за реформи на правосудниот сектор во Македонија денеска во Охрид ја презентираше нејзината нацрт-верзија која предвидува нови законски решенија за важни прашања во сферата, меѓу кои закон за судови, закон за јавно обвинителство, закон за судски совет и закон за советот на јавни обвинители.

Како што истакна министерот за правда Билен Саљији, станува збор за системски реформи во сферата насочени пред се кон враќање на довербата на граѓаните во судството, подобрување на пристапот до правда за сите, целосно владеење на правото и инсталирање мериторкатија
во правосудниот сектор.

„Тоа се едноставни принципи, но нивната имплементација е бескрајно компликувана… Реформата, ниту е целосна, ниту некогаш ќе биде завршена, таа постојано еволуира зависно потребите на граѓаните. Но она што нема да се смени е нашата посветеност на овој процес бидејќи станува збор за реформа што е еден од клучните делови на проектот 3-6-9 на Владата. Донесувањето на стратегијата и нејзината имплементација ќе значат огромен чекор напред во приближувањето на владеењето на правото во земјата со она на западните демократии“, истакна тој.

Министерот ги повика сите чинители, особено политичките елити, да ги надминат дневните разлики и да изградат широк општествен консензус по однос стратегијата, притоа изразувајќи подготвеност лично во име на Владата да соработува со опозицијата во таа насока, со максимална отвореност за нивните забелешки и сугестии.

Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски акцент стави врз принципот на инклузивност во изготвувањето на нацрт-стратегијата и акцискиот план, пред се преку вклучувањето на стручната фела и општата јавност во целиот процес. Најави дека стратегијата и акцискиот план различно од досегашната пракса целосно ќе бидат достапни на увид на јавноста, за на тој начин да се овозможат корекции, сугестии, нови решенија.

Ана Павловска – Данева, претседател на работната група што ја изготвуваше стратегијата и акцискиот план, истакна дека се работи за исклучително обемен, сеопфатен материјал, изработен согласно највисоките меѓународни стандарди. Рече дека дека работната група во досегашниот нејзин ангажман се раководела од четири основни принципи – независност и непристрасност односно елиминација на селективна правда, како од нормативен, така и од практичен аспект, унапредување на квалитетот на институциите, подобрување на одговорноста и отчетноста и зголемена ефикасност и транспарентност во сферата.

„Невозможно е накусо да се образложат сите мерки предвидени во овој документ затоа Ве повикувам да го прегледате, прочитате и анализирате, а во наредниот период Работната група ќе биде на располагање да ги слушне и онаму каде е соодветно да ги имплементира
евентуалните сугестии на јавноста“, рече таа.

Стратегијата за реформи во правосудството и акцискиот план меѓудругото предвидува и оптимализација на бројот на судовите и судиите, укинување на Вишиот управен суд, интеграција на неколку помали основни судови, поголема инклузија на научната и професионалната јавност во реформите, подобрување на условите за работа, елиминација на можностите за манипулации при електронската распределба на предмети, поништување на целиот процес на лустрација, избор и разрешување на судии и обвинители врз основа на објективни и мерливи критериуми, елиминирање на практиката на недопирливост на некои од повисоките инстанци на судската и полититичката фела…

Предвидено е и засилување на позицијата на СЈО во рамки на сегашниот систем на Јавното обвинителство, преку проширување на неговата надлежност со опфаќање на сите инстанци за кривични дела со висок профил на корупција односно прогон на сите минати, сегашни и идни
политички елити.

Стратегијата предвидува и намалување на прекршочните глоби за граѓаните и целосна реформа на прекршочниот систем, со сет мерки меѓу кои скратување на долготрајните и исцрпувачки процеси, како и воведување на мерка опомена пред изрекување казна.

Минатата недела Советот за реформа на правосудниот сектор ја прифати стратегијата за реформи и побара „враќање на одземената правда“.

Членовите на Советот ги дадоа конечните и конкретни забелешки во насока на подобрување на содржината на Нацрт-стратегијата и акцискиот план и им препорачаа на Работната група и Министерството за правда да почнат со нивна јавна презентација. Целта на запознавање на пошироката јавност со овие нацрт-документи е да се овозможи простор за предлози, забелешки и дополнувања од сите заинтересирани страни во процесот на нивно финализирање“, истакнаа од Министерството за правда.

М.В