/ Прочитано:

1.268

Продолжува Јавната седница за оцена на обвинителниот акт за случајот „Ќелија“

Судот му даде рок од две недели на Обвинителството за гонење на организиран криминал да постигне спогодба за признавање на вината со осомничените.

Јавна седница за оцена на обвинителен акт за случај „Ќелија“

Денеска во Кривичниот суд во Скопје треба да се одржи продолжение на Јавната седница за оцена на обвинителниот акт за случајот „Ќелија“.

На првата Јавна седница шестмина осомничени изразија подготвеност за признавање на вината која им се става на товат. Првоосомничениот, оџата Реџеп Мемиш, Фазли Суља, Мухамед Шеху, Сејфула Едемовски, Ахмет Дарлишта и Ресуљ Саити рекоа дека се чувствуваат за виновни, ја признаваат вината и бараат во спогодба со јавниот обвинител да им биде определена казната.

Судот му даде рок од две недели на Обвинителството за гонење на организиран криминал да постигне спогодба за признавање на вината со осомничените.

Останатите петмина осомничени пред Судот истакнаа дека се не чувствуваат виновни.

Обвинителот во случајот, Владимир Милошевски, при презентирањето на обвинителниот акт пред Судот, истакна дека опфатените дејствија, кои ги сториле осомничените, започнале во октомври 2014 година.

„Има три категории на дела кои ги им се ставаат на товар на осомничените. Прво, регрутирање лица во странски војски или паравоени формации, второ, собирање финансиски средства и материјална помош за поддршка на лицата кои ќе се приклучат во странска војска или паравоена формација, обезбедување на нивното патување, обука и учество во странската војска и трета категорија на дела – учество во странска војска“, рече обвинителот Милошевски.

Тој истакна дека се собрани поголем број на материјални докази со кои се докажуваат делата што им се ставаат на товар, а поради тоа што групата осомничени биле многу затворени како целина која заеднички функционирала, биле применети и посебни истражни мерки за следење на комуникациите меѓу нив и меѓу осомничените и трети лица.

Адвокатите на осомничените истакнаа дека имаат забелешки на обвинението, но како најсуштествена процесна повреда на постапката ја истакнаа неможноста на обвинетите да ги видат доказите врз основа на кои треба да одлучат дали ќе одат на спогодба за признавање на вина.