/ Прочитано:

708

Продолжува расправата за ребалансот на Буџетот

Продолжува расправата за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година. Предлогот е на второ читање пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Образложението на министерката за финансии за ребалансот на Буџетот

Со ребалансот на Буџетот за 2019 година се обезбедува поддршка за поголеми плати во приватниот и јавниот сектор, повеќе средства за активни мерки за вработување и средства за проектот МојДДВ, преку кој за помалку од три месеци на граѓаните ќе им биде извршен поврат на ДДВ. Алоцирање на средства онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми економски ефекти е целта на предложениот ребаланс на Буџетот, истакна министерката за финансии, Нина Ангеловска, образложувајќи го ребалансот на Буџетот на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

„Со ребалансот се обезбедува распределбата на поголем дел од јавните приходи кај граѓаните, директно вложување во потребите и потенцијалите на луѓето и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање на нови работни места и исплати на повисоки плати во приватниот сектор и за сите работници. Притоа, поставените цели за 2019 година целосно се насочени во функција на постигнување на клучните приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО“, рече министерката Ангеловска.

Ангеловска истакна и дека од 1 септември стапи на сила ново покачување од 5% на платите во јавната администрација, здравството, образованието, градинките, полицијата, културата, одбраната и во другите дејности во јавната администрација, кое ќе се исплати на почетокот на октомври.

Министерката за финансии посочи дека со ребалансот е направена незначителна корекција на приходната и расходната страна, а дефицитот е непроменет, односно дека измените главно се однесуваат на реалокација помеѓу веќе утврдените ставки во рамки на почетните проекции.

Ангеловска посочи дека со ребалансот се алоцираат 400 милиони денари за мерката за субвенционирање на придонесите доколку работодавецот ја зголеми платата на вработениот до 100 евра. Исто така, предвидени се дополнителни 200 милиони денари за активни мерки за вработување.

Алоцирани се дополнителни средства за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, како и 660 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања. Исто така предвиден е и поголем трансфер од Буџетот на Фондот за пензиско и здравствено осигурување од 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб, согласно месечните исплати за бројот на осигуреници, што во суштина го потврдува и трендот за зголемување на вработеноста.

Во насока на заложбите на Владата за гасификација на земјава, предвидени се средства за купување на акциите од ГА-МА. Како поддршка на напорите на централната и локалната власт за исполнување на препораките од УНЕСКО, предвидени се средства за колекторски систем за заштита на Охридското Езеро. Исто така, предвидени се средства за поддршка во земјоделието за справување со болеста африканска чума кај свињите.

Министерката истакна дека согласно континуираните напори на Министерството за финансии за намалување на каматните стапки на задолжувањето во ребалансот каматните расходи се намалени за 924 милиони денари.

Министерката за финансии истакна дека од почетокот на годината заклучно со август вкупните приходи во Буџетот изнесуваат 130,3 милијарди денари, што е 61,8% од планираното и е за 7,2% подобра наплата во однос на лани. Вкупните расходи заклучно август изнесуваат 139,4 милијарди денари, што е 60,9% во однос на планот. Во рамки на расходите најголем дел се тековни, додека во тековните најголемо учество имаат трансферите за социјална заштита, пензии и блок дотации до општините. Во периодот јануари – август 2019 година остварен е дефицит од 9 милијарди денари или 1,3% од проектираниот БДП за 2019 година. Државниот долг заклучно со јуни 38,4% од БДП, додека јавниот долг 46,6% од БДП, со што Република Северна Македонија е умерено задолжена земја, рече Ангеловска.

За состојбите во економијата Ангеловска посочи дека растот на економската активност во првото полугодие од 2019 година продолжи со посилен интензитет споредено со растот во 2018 година и изнесува 3,6% и дека тој е на широка основа. Раст се бележи кај градежниот сектор, што најмногу се должи на нискоградбата, во индустријата, но и  услужниот сектор и земјоделството. Извозот на стоки забележа висок раст во првото полугодие од 12,9%. Истовремено, расте потрошувачката главно како резултат на приватната потрошувачка, поради растот на вработеноста и платите и зголеменото кредитирање на домаќинствата. Бруто-инвестициите имаат  висок раст  од 10,4%, како резултат на инвестиции во градежни работи, инвестиции во машини и опрема.

„Последново покажува дека инвестициската активност е стабилизирана и дека поволниот амбиент креиран со политиките на Владата, заедно со сè поизвесните евроатлантски интеграции и зголемени очекувања на економските агенти од тој процес, создадоа услови приватниот сектор да стане носител на растот, споредено со претходни периоди кога државата, најчесто со средства од јавното задолжување, интервенираше во економијата главно преку непродуктивни трошења во еден сектор – градежништвото. Сега таа слика се смени“, рече Ангеловска.

„Бројот на вработени во второто тримесечје годинава е зголемен за 5,2%, односно за 39,2 илјади лица, додека стапката на невработеност се намали на 17,5%. Просечната плата во првото полугодие се зголеми за 3,5%, додека стапката на инфлација е 1,2%“, рече министерката.

Ангеловска истакна дека континуираното забрзување на растот минатата година и позитивните движења годинава даваат основа за реализација на проекцијата за економски раст во 2019 година од 3,5%.

Ребалансот на Буџетот на дневен ред на собраниските комисии

Ребалансот на Буџетот пред пратениците

М.В