Промовирана книгата „Правни лица“ од доц. д-р Ангел Ристов
Монографијата „Правни лица“ од авторот Ангел Ристов се појавува како резултат на потребата од попродлабочено истражување и проучување на правните лица како значаен субјект во имотно-правните односи во современите општества.
И покрај тоа што правните лица се појавиле многу одамна, беше истакнато на промоцијата на книгата на доц.д-р Ангел Ристов, како последица на забрзаниот индустриски развој и зголемениот стоково-паричен промет, тие се јавуваат во центарот на вниманието на правната наука и граѓанските кодификации кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. За разлика од минатото, денес интересот на науката во однос на истражувањето на правните лица е значително опаднат и речиси и да го нема.
Од друга страна, правните лица во современите општества добиваат сè поголемо значење во имотно-правните односи, без кои не може да се замисли современиот начин на живеење. Во глобалниот светски пазар, како и во националните економии денес, доминираат правните лица кои се занимаваат со производство, со трговија и услуги, градежништво, банкарство, финансии и др. Во секојдневниот правен промет, граѓаните повеќе стапуваат во имотно-правни односи со правните лица.
Во таа смисла, со истражувањето на правните лица во оваа монографија, авторот дава придонес кон надополнувањето на оваа празнина во домашната правна наука, разрешувајќи ги бројните дилеми кои се однесуваат на поимот правно лице, причините за нивното настанување, функциите и суштината, правниот субјективитет, казнената одговорност, видовите правни лица, како и нивниот престанок.
Во монографијата авторот дава детален преглед на овие прашања, од теоретски аспект, користејќи бројна домашна и странска литература. Истовремено, во монографијата авторот го анализира позитивното право, како и решенијата со кои се уредуваат правните лица во законодавствата на голем број европски држави. При истражувањето на правните лица, авторот не се задржува само на постарите граѓански кодификации (на Франција, Германија, Швајцарија, Австрија, Шпанија, Грција и др.), туку и на решенијата со кои се уредуваат правните лица во поновите граѓански кодификации (на Русија, Украина, Холандија, Грузија, Литванија и др.).
Оваа монографија посветена на правните лица, како субјекти во имотно-правните односи, но и пошироко, заслужува исклучитeлно висока оценка и тоа не само од аспект на нејзината систематика туку и од аспект на продабоченоста во елаборирањето на прашањата изложени во неа. Притоа авторот покажува особена зрелост за анализа на одделни аспекти поврзани со правните лица како субјекти во правото, но и за синтетичко нивно воопштување. Покрај другите вредности, заслужува да се подвлече и компаративниот приод во излагањето на материјата од нашето право со оние од споредбеното и тоа како со постарото така и со современото право.
Не помалку значајно е и тоа што авторот, беше истакнато на промоцијата, покажува респектабилна способност на доктринарно ниво да расправа за прашањата поврзани со правните лица, а особено со оние поврзани со правната природа на овие лица. Покрај сето ова треба да се нагласи и дека издавањето на оваа монографија ќе пополни една голема празнина кај нас, од аспект што досега не постои пишан труд кој со ваква систематика и содржинска покриеност ги третира сите релевантни прашања поврзани со правните лица.
M.В