/Прочитано:

1.490

Публикација за оданочувањето на капитална добивка од продажба на недвижен имот

Управата за јавни приходи објави публикација за оданочување на капитална добивка од продажба на недвижен имот. Оваа публикација треба да ги информира граѓаните кои како физички лица остваруваат капитална добивка од продажба на недвижен имот за основните правила при пријавување, утврдување и плаќање на данокот на доход.

Претходно, УЈП објави публикација за оданочувањето на доходот од закуп и подзакуп и за оданочувањето на приходи остварени од вршење самостојна дејност.

Во публикацијата за оданочување на капитална добивка од продажба на недвижен имот детално се разработуваат прашањата што се однесуваат на оданочување на доход од закуп и подзакуп, помеѓу кои:

Што се подразбира под доход од капиталнa добивкa од продажба на недвижен имот?

Кој е обврзник на данокот на личен доход?

Како и кога да го пријавите доходот?

Која даночна стапка се применува за пресметка на данокот?

Што е основа за пресметување на данокот?

Дали се предвидени ослободувања од плаќање на данок на капиталнa добивкa од продажба на недвижен имот?

Како се врши утврдување и плаќање на данокот на личен доход?

Кога треба да го платите утврдениот данок?

Кои други обврски ги имате како даночен обврзник?

Обврзник на данокот на доход за остварениот доход е физичко лице – граѓанин за доходот што го остварил по основ на капитална добивка од продажба на недвижен имот.

„Капитална добивка е доходот (позитивна разлика меѓу продажната цена на недвижниот имот и неговата набавна куповна цена), што обврзникот го остварува од недвижен имот. Ако разликата е негативна, се остварува капитална загуба.

Како продажна цена при продажба на недвижниот имот се смета договорената цена, а доколку Управата за јавни приходи оцени дека договорената цена е пониска од пазарната, како продажна цена се смета пазарната вредност на недвижниот имот утврдена од страна на единицата на локалната самоуправа и Градот Скопје, според Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот, без данокот на промет на недвижности.

Куповната (набавната) цена претставува цената по која обврзникот го стекнал недвижниот имот.

При продажба на недвижен имот кој обврзникот сам го изградил, за набавна цена се смета цената на чинење на недвижноста која обврзникот документирано ќе ја докаже, врз основа на трошоците направени за изградбата на недвижноста.

Доколку истата не може да се докаже, за набавна цена ќе се смета цената на чинење (градежна цена) на ист или сличен недвижен имот во периодот на изградбата на подрачјето на кое се наоѓа недвижниот имот.

Доколку во тоа подрачје нема таков недвижен имот, во тој случај за набавна цена ќе се смета цената на чинење (градежна цена) на ист или сличен недвижен имот во периодот на изградбата, која ќе се утврдува како просечна цена за територијата на Република Македонија“, се образложува во публикацијата.

Целосниот текст на публикацијата на следниот линк.

Публикација за оданочувањето на доход од закуп и подзакуп

Публикација за оданочувањето на приходи остварени од вршење самостојна дејност

М.В