Ратификацијата на Истанбулската конвенција – значаен исчекор во борбата против насилството врз жената и домашното насилство
Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство од 11.5.2011 година, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот меѓународен документ за борбата со семејното насилство. Истанбулската конвенција е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените. Досега, посочуваат од Советот на Европа, 23 земји ја ратификувале Конвенцијата, вклучувајќи и 14 земји членки на Европската Унија, и тоа: Австрија, Белгија, Данска, Финска, Франција, Италија, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Шпанија и Шведска.
Ратификацијата на конвенцијата подразбира низа обврски за владите кои ја имаат ратификувано да преземат конкретни чекори за спречување на сите форми на насилство врз жените: од демнеење и сексуално вознемирување до домашно насилство, принуден брак и женска генитална мутилација. Притоа, правата на жените кои поминале низ насилство треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации.
Во Конвенцијата се поставуваат цели за ефективна борба против насилството врз жените и домашното насилство, а она што е особено значајно е што во Конвенцијата насилство врз жените се дефинира како кршење на човековите права, додека пак домашното насилство ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството.
Еднаквоста меѓу жените и мажите и de jure и de facto e клучен елемент во спречувањето на насилството врз жените
Во Преамбулата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство се истакнува дека остварувањето на еднаквоста меѓу жените и мажите и de jure и de facto е клучен елемент во спречувањето на насилството врз жените и дека насилството врз жените е манифестација на историски нееднаквите односи на моќ меѓу жените и мажите, што довеле до доминација и дискриминација врз жените од страна на мажите и до спречување на целосното напредување на жените.
Понатаму, во Преамбулата се вели дека насилството врз жените е еден од главните општествени механизми со кој жените се принудуваат на потчинета положба во однос на мажите.
Државите членки на Советот на Европа и другите потписници на овој документ со голема загриженост препознаваат дека жените и девојчињата често се изложени на сериозни форми на насилство, како: домашно насилство, сексуално вознемирување, силување, присилен брак, кривични дела извршени во името на таканаречената „чест“ и генитално осакатување, кои претставуваат сериозно кршење на човековите права на жените и девојчињата и кои се главна пречка за постигнување еднаквост меѓу жените и мажите.
Исто така, во Преамбулата се посочува и на „кршењето на човековите права за време на вооружени конфликти кои го погаѓаат цивилното население, особено жените, во форма на широко распространето или систематско силување и сексуално насилство, како и потенцијалното зголемување на родово засновано насилство за време и по конфликтите“.
Жените и девојчињата се изложени на повисок ризик од родово засновано насилство отколку мажите. Домашното насилство несразмерно ги погаѓа жените, но и мажите исто така можат да бидат жртви на домашно насилство. Децата, се вели во Преамбулата на Конвенцијата, исто така се жртви на домашно насилство, како и сведоци на насилство во семејството.
Целите на Конвенцијата
Во таа смисла, во Конвенцијата се потенцира стремежот кон создавање слободна Европа од насилство врз жените и од домашно насилство, а државите членки на Советот на Европа и другите потписници се согласуваат и истакнуваат дека Конвенцијата ги има следните цели:
Заштита на жените од сите форми на насилство и спречување, гонење и елиминирање на насилството врз жените и домашното насилство; придонес во елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените и да промовира суштинска еднаквост меѓу жените и мажите, вклучувајќи и преку зајакнување на жените; создавање сеопфатна рамка, политики и мерки за заштита и помош на сите жртви на насилство врз жените и домашно насилство; промовирање меѓународна соработка во поглед на елиминирање на насилството врз жените и домашното насилство и обезбедување поддршка и помош на организациите и на органите за спроведување на законот за ефективна соработка со цел да усвојат интегриран пристап за елиминација на насилството врз жените и домашното насилство.
Конвенцијата се однесува на сите форми на насилство врз жените
Истанбулската конвенцијата се однесува на сите форми на насилство врз жените, вклучувајќи го и домашното насилство, кое несразмерно ги погаѓа жените, и се препорачува нејзините потписнички да ја применуваат на сите жртви на домашно насилство. При примена на одредбите на Конвенцијата, посебно внимание треба да им се посветува на жените жртви на родово засновано насилство и таа се применува во време на мир и во ситуации на вооружен конфликт.
Она што е значајно во Конвенцијата е што во неа насилството врз жените се дефинира како „кршење на човековите права“, а домашното насилство ги означува „сите акти на физичко, сексуално, психичко односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството“.
M.В