/ Прочитано:

853

Разгледан Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата

Собраниската Комисијата за економски прашања, како матично работно тело, го разгледа Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2018 година.

Воведно образложение по Годишниот извештај даде претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Владимир Наумовски. Тој истакна дека, како што е предвидено со Законот, Комисијата има обврска да достави годишен извештај до Собранието на Република Северна Македонија.

Годишниот извештај содржи шест дела, и тоа: првиот дел се однесува на конкуренцијата, односно дадени се детали и информации за извршување на надлежностите кои произлегуваат од Законот за заштита на конкуренцијата; вториот дел се однесува на државната помош, односно дадени се информации во однос на спроведувањето на Законот за контрола на државната помош; третиот дел се однесува на интеграцијата на Европската Унија и меѓународната соработка; четвртиот дел се однесува на административниот капацитет на Комисијата; петтиот дел е заклучок, и на крајот шестиот дел е извештај кој содржи детални информации за материјално-финансиското работење на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Комисијата за заштита на конкуренцијата води управни и прекршочни постапки и донесува одлуки во управни и прекршочни постапки. Во текот на 2018 година Комисијата има донесено вкупно 82 решенија во управна постапка од кои 61 решение се однесуваат на контрола на концентрациите, а 21 решение се однесуваат на контрола на државната помош. Комисијата одобри безусловно 60 концентрации, додека една е одобрена, но претходно се преземени обврски од подносителот на известувањето.

Во однос на решенијата за контрола на државната помош, се истакна дека во 14 решенија се утврдува дека мерките содржани во известувањето доставено до Комисијата од страна на давателите на државна помош претставуваат државна помош во насока на Законот за контрола на државната помош. Кај 2 решенија Комисијата утврди дека се дел од мерките содржани во известувањето и претставуваат помош од мало значење, кај 3 решенија дека претставуваат помош од мало значење, односно дозволена помош која не надминува по корисник 200.000 евра во период од три години, додека пак за 2 решенија Комисијата прогласи ништовност на претходната планирана државна помош.

Исто така, Комисијата има дадено 6 мислења во согласност со Законот за заштита на конкуренцијата  и 23 мислења во согласност со Законот за контрола на државната помош.

Во текот на 2018 година, Комисијата за одлучување по прекршок донесе вкупно 6 решенија во прекршочна постапка и изрече вкупна глоба од 18.461.544 денари и притоа Комисијата во 3 решенија утврди постоење на забранет договор, во 1 решение постоење на злоупотреба на доминантна позиција, во 1 решение злоупотреба на доминантна позиција и забранет договор и во 1 решение постоење на полесен прекршок. Вкупната глоба изречена за постоење на забранет договор изнесува 11.036.936 денари, вкупната глоба изречена за постоење на доминантна позиција изнесува 7.117.108 денари и вкупната глоба изречена за постоење на полесен прекршок изнесува 307.500 денари.

На седницата се посочи дека Годишниот извештај на Комисијата за 2018 година ги содржи и активностите на Комисијата од областа на соработката со државните органи и тела за прашања кои се во врска со заштита на конкуренцијата; активностите поврзани со процесот на приближување кон Европската Унија, како и меѓународната соработка остварена во 2017 година, билатерални и мултилатерални соработки и учество на вработените од Комисијата на меѓународни семинари и конференции.

Се истакна дека Комисијата за заштитата на конкуренцијата ќе продолжи и во иднина да се грижи за ефектно спроведување на Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за контрола на државната помош со цел обезбедување на слободна конкуренција на домашниот пазар заради постигнување на економска ефикасност и благосостојба.

Врз основа на расправата Комисијата за економски прашања со шест гласа „за“ и еден глас „против“ заклучи да му предложи на Собранието на Република Северна Македонија да го усвои следниот Заклучок:

Собранието на Република Северна Македонија го разгледа Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2018 година;

Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Северна Македонија да се достави до Владата на Република Северна Македонија, Министерството за економија и Комисијата за заштита на конкуренцијата.

М.В