Се подготвуваат измени на Законот за заштита на укажувачи во согласност со препораките од Венецијанската комисија
Министерството за правда подготвува предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачи.
Измената на Законот за заштита на укажувачи е предвидена и во планот на Владата за реформите во судството, каде што се предвидува дека за измените на Законот ќе се формира работна група за подготовка на предлог-текст за измени на Законот за заштита на укажувачи, во согласност со препораките на Венецијанската комисија и ЕК.
Со Законот за заштита на укажувачите се уредуваат заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно правните лица во врска со заштитено пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.
Усогласувањето со препораките упатени од Венецијанската комисија со Мислењето бр. 829/2015 од 15 март 2016 година е нагласено како главната цел на законските измени.
Според мислењето на Венецијанската комисија, Законот за заштита на укажувачите треба да се ревидира, особено во делот на јавниот интерес и јавното објавување. Законот за заштита на укажувачите треба да потенцира до кој степен и под кои околности јавниот интерес им обезбедил заштита на укажувачите, а не само кои се можните дисциплински постапки (и слични мерки што се однесуваат на работното место), но исто така и кривични санкции и граѓанска одговорност и кои се можните исклучоци од ова правило.
Исто така, меѓу другото, во мислењето на Венецијанската комисија за Законот за заштита на укажувачите се препорачува да биде определена главна државна агенција која ќе има обврска да изврши проверка на легислативата и да спроведе обука за подигнување на јавната свест за законската рамка.
М.В