/ Прочитано:

2.894

Што претставува лобирањето

Една од препораките на ГРЕКО од Четвртиот круг на евалуација  е да се воведат правила за односите на пратениците со лобисти и со трети лица кои настојуваат да влијаат врз законодавниот процес.

Во рамките на Петтиот круг на евалуација ГРЕКО препорача да се воведат правила со кои ќе се регулираат интеракциите на лицата што вршат највисоки извршни функции со лобисти и со трети страни кои сакаат да влијаат врз процесот на донесување одлуки; и редовно објавување на таквите контакти, вклучувајќи го и предметот на дискусија и идентитетот на лицата кои учествуваат и/или биле застапени на таквите состаноци.

„Имајќи ја предвид постојната состојба, добиените препораки, а особено имајќи ги предвид Европската конвенција за човекови права, членот 10 (Правото на пристап до информации) и препораката CM/Rec(2017)2 усвоена од Комитетот на министри на Совет на Европа на 22 март 2017 година, се предлага донесување нов Закон за лобирање“, се вели во законското образложение на овој предлог-закон, кој се наоѓа во собраниска процедура.

На тој начин, се додава во Предлог-законот,  се останува на определбата за директна регулација на лобирањето, и тоа со закон кој поставува рамка која промовира транспарентно лобирање и учеството на засегнатите страни во донесувањето информирани одлуки од јавен интерес, без притоа да се загрози остварувањето на граѓанските и политичките слободи и права загарантирани со Уставот и утврдени со закон.

Модел на директно регулирано лобирање

Лобирањето претставува активност со цел остварување влијание врз процесите на подготвување, донесување и изменување на:

– закони, подзаконски или други општи акти;

– јавни политики, односно програми што ги носат органите кај кои се лобира, особено кога тие политики, односно програми се однесуваат на просторното планирање, развој и доделување, односно распределба на јавни средства. Лобирањето подразбира контакт со лице кај кое се лобира со цел конкретно насочено влијание врз процес, односно врз содржина на јавни политики, односно програми, прописи и други општи акти, кој се остварува вон утврдена и започната постапка, односно процедура и не претставува јавно соопштен став, односно мислење, ниту пак учество на повик, односно на барање на орган кај кој се лобира во  работа на подготвување, разгледување или барање, односно давање фактографски информации, односно податоци или стручни мислења за иницијативи и предложени решенија за јавни политики, програми, закони, други прописи и општи акти.

Лобирањето не претставува, односно не се однесува на:

а. судски или управни постапки, постапки што се спроведуваат согласно прописите што ги уредуваат јавните набавки и постапки во кои се одлучува за права и обврски на поединци;

б. комуникација со граѓанин во врска со остварување на индивидуални права;

в. комуникација чиешто обелоденување може да претставува закана по безбедноста на кое било лице или по безбедноста на државата;

г. граѓанска иницијатива покрената согласно закон;

д. комуникација со синдикати, односно со претставници на синдикати кога ги застапуваат интересите на своите членови во преговори за условите за вработување и работа;

ѓ. комуникација меѓу службени лица во орган на законодавната власт, орган на извршната власт или орган на единица на локалната самоуправа која ја остваруваат во рамки на својот делокруг на работни задачи, односно функции;

е. комуникација меѓу именувани, односно назначени членови во тела формирани од органите на законодавната власт, органите на извршната власт или органите на единиците на локалната самоуправа, за целите на разгледување, проценување и анализирање на прашања од јавната политика, заради известување на органите од кои телата се формирани;

ж. комуникација со или во име на меѓународни организации;

з. комуникација со или во име на политичка партија.

Лобирање може да вршат само домашни или странски физички лица лобисти регистрирани согласно одредбите од Законот. По исклучок, во име и за сметка на лоби-организација (домашно или странско правно лице) лобирање може да врши застапник по закон, вработен или овластено лице на лоби-организацијата.

Лобирање може да се врши само по претходна регистрација (запишување во Регистарот на лобисти, лоби-организации и лобирање, кој го води Државната комисија за спречување на корупција). Лицето кај кое се лобира може да провери дали лицето кое бара да оствари контакт, односно со кое има интеракција има својство на лобист или е претставник на лоби-организација.

Лобистот/лоби-организацијата, односно нејзин претставник има законска обврски да ги почитува забраните за корупција во лобирањето и ставање на лицето кај кое лобира во состојба на судир на интереси или предизвикување чувство на обврска спрема лобистот/лоби-организацијата, како и забраните за паралелно лобирање, давање невистинити или нецелосни информации во врска со статусот на својството во кое лобира или за нарачателот во чие име лобира и користење или откривање информации или документи кои ги добил од лицето кај кое лобира спротивно на целите за кои ја добил информацијата, односно документот.

Лицето кај кое се лобира е должно да внимава да не се стави во состојба на судир на интереси при лобирањето и да ги има предвид целите на лобирањето кое го врши лобистот, односно лоби-организацијата која го контактира (во таков случај е должно да го прекине контактот и да одбие каков било понатамошен контакт со лобистот, односно со лоби-организацијата и со претставник на лоби-организацијата). Лицето кај кое се лобира е должно да поднесе претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата доколку лобистот или лоби-организацијата, односно претставникот на лоби-организацијата постапи спротивно на одредбите од Законот за лобирање.

Изготвувањето на записник за секој контакт со цел лобирање и проследување копија од записникот до ДКСК е обврска за лицето кај кое се лобира.

Лобистот, односно лоби-организација е должна до ДКСК да достави писмен извештај за својата активност, и тоа најдоцна до 31 јануари во тековната година за претходната година и најдоцна 30 дена од денот на бришењето од Регистарот, без оглед на причините за бришење.

Податоците од Регистарот, а тоа се податоци за лобистите, лоби-организациите и нивните претставници, записниците од контактите со цел лобирање и извештаите на лобистите и лоби-организациите, се информации од јавен карактер и се објавуваат.

Комисиска расправа за законите за лобирање, за правда за децата и за пензиското осигурување

КОРУПЦИЈАТА СЕ СМЕТА ЗА СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ: Извештај и препораки на ГРЕКО

Објавен текстот на Предлог-законот за лобирање, кој ќе овозможи влијание при донесувањето прописи

Во подготовка измени на Законот за лобирање

М.В