КОРУПЦИЈАТА СЕ СМЕТА ЗА СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ: Извештај и препораки на ГРЕКО
ГРЕКО го објави извештајот за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг. ГРЕКО упатува вкупно 23 препораки на Република Северна Македонија, од кои 9 се однесуваат на централната власт, а 14 се однесуваат на органите за спроведување на законот, односно Министерството за внатрешни работи.
Петтиот круг на евалуација е на тема: „Спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт (највисоките извршни функции) и органите за спроведување на законот“ и започна во 2017 година, со доставувањето на евалуацискиот прашалник за овој круг од страна на ГРЕКО.
Овој извештај ја оценува ефективноста на рамката во Северна Македонија за спречување на корупцијата во однос на лицата на кои им се доверени највисоките извршни функции (министри и државни секретари, како и политички советници, како што е соодветно) и припадниците на полициските сили, како во Бирото за јавна безбедност така и тие кои се во надлежност на Министерството за внатрешни работи.
„Корупцијата се смета за сериозен проблем во Северна Македонија. Тековниот извештај има за цел да ги зајакне можностите на земјата за борба против корупцијата, особено во однос на транспарентноста, интегритетот и одговорноста на јавните службеници и институции“, се вели во извештајот.
Северна Македонија, се посочува понатаму во извештајот, воспостави прилично широка политичка и институционална рамка за спречување и борба против корупцијата со Државната програма за репресија на корупцијата и намалување на судирот на интереси за 2016 – 2019 година. Во моментов, има антикорупциска правна рамка која го вклучува Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси од 2019 година, Законот за лобирање и Законот за заштита на укажувачи. Меѓутоа, сè уште треба да се решат неколку недостатоци.
Целокупната сила на антикорупциската рамка е дискутабилна бидејќи спроведувањето на различни политики и закони е слабо и селективно во пракса.
Државната комисија за спречување на корупцијата треба да одигра важна улога во националната антикорупциска политика. Меѓутоа, од своето основање во 2002 година, таа честопати беше критикувана поради недостиг од независност, слаб мандат (надлежности) и низок профил. Покрај тоа, се истакнува во извештајот, нејзините активности беа прекинати во 2018 година, кога пет од седумте членови, вклучувајќи го и претседателот на Комисијата, поднесоа оставка поради обвинувањата за проневера на средства. Нова Комисија е формирана на 8 февруари 2019 година и функционира како главно тело за борба против корупцијата во државата.
Важен предизвик за во иднина е да се постигне ова тело да биде ефективно и да постои доверба на јавноста во него.
Рамката за интегритет и спречување на корупција, применлива за лицата кои вршат највисоки извршни функции (ЛВНИФ) и агенциите за спроведување на законот, е прилично сложена и ја опфаќа, меѓу другото, Државната програма за репресија на корупцијата за периодот 2016 – 2019 година. Меѓутоа, празнините остануваат во неколку области.
Општо земено, постои потреба од подобрување на системот на редовно следење со цел да се оцени спроведувањето на поединечните мерки на Државната програма за репресија на корупцијата и да се прошири процената на ризикот на интегритетот надвор од функционерите и персоналот, со цел да се опфатат службениците како што се личните советници и надворешните соработници. Етички кодекс беше усвоен во 2010 година, но има потреба да се надополни со правила со кои се регулираат нивните односи со лобистите и трети страни и да се обезбеди континуирана обука за сите релевантни лица.
„Што се однесува до законодавната постапка, треба да се обезбеди поголема транспарентност на внатрешните процеси на донесување одлуки, со објавување на имињата на сите кои се присутни на владините седници и работните тела. Прифаќањето на подароци е забрането со одредени исклучоци“, се образложува понатаму во извештајот.
Тоа е регулирано со различни законски одредби и е потребно рационализирање на правилата за прифаќање на подароци. Изјавите за имот и интереси на лицата кои вршат највисоки извршни функции се објавуваат. Сепак, надзорот треба да се зајакне и да биде потранспарентен.
Што се однесува до органите за спроведување на законот, еден од главните проблеми е перципираната политизација на полицијата и потребата за зајакнување на нејзината оперативна независност. Се чини дека механизмите за внатрешна контрола, подредени директно на Министерот за внатрешни работи, како и надворешниот надзор што го извршуваат Собранието, Народниот правобранител и Јавниот обвинител треба да бидат поефикасни, со цел да се подобри јавната одговорност на полицијата.
„Исто така, постои потреба да се обезбеди поголема транспарентност околу полицијата и нејзините активности, овозможувајќи пристап на јавноста до разни видови на општи информации (статистички податоци, буџети, извештаи за полициските активности и донесување одлуки)“, се истакнува во извештајот.
Треба да се разработи нов етички кодекс за полицијата, во соработка со релевантни засегнати страни кои треба да ги опфатат прашањата поврзани со интегритетот, судирот на интереси, подароците и спречувањето на корупцијата во рамките на полицијата.
„Покрај тоа, треба да се обезбеди објективна, ефикасна и конкурентна процедура за вработување во полициската служба, вклучително и за раководни позиции. Законот за заштита на укажувачите, како што е изменет во 2018 година, треба да се надополни со конкретни мерки за негово спроведување во праксата“, се нагласува во извештајот.
Минатата година ГРЕКО оцени: Разочарувачки резултати за превенцијата на корупцијата
ПРЕПОРАКИ И ИДНИ АКТИВНОСТИ
Во однос на заклучоците од овој извештај, ГРЕКО ги упатува следните препораки, кои ги пренесуваме изворно:
„Во однос на централната власт (највисоките извршни функции)
- (i) дека во однос на вработувањето на лица ангажирани врз основ на дискреционо право на функционери од централната власт со цел да даваат совети на функционерите или да вршат слични функции, треба да се воведат правила за неспоивост и да се воведе ветинг врз основа на правилата за интегритет; и (ii) имињата и договорните бенефиции (плати итн.) на оние кои се ангажирани за овие позиции да се направат лесно достапни на интернет и, кога се работи за ангажман со скратено работно време/или ад-хок ангажман, да бидат вклучени и податоци за нивната главна работна задача/активности (точка 39);
- (i) систематски дa се спроведува проценка на ризик на интегритетот кај централната власт што ќе ги опфаќа сите функционери и лични советници и надворешни соработници, како што е соодветно; (ii) да се воведат соодветни корективни мерки и да се обезбедат соодветни ресурси на единиците за внатрешна контрола и на органите одговорни за методолошки совети во оваа област; и (iii) редовно да се евалуира влијанието и ефектите од мерките за интегритет во централната власт (на пример, изјави за интереси и имот) и да се објават резултатите (точка 46);
iii. Етичкиот кодекс за лицата кои вршат највисоки извршни функции треба i) практично да се спроведува со помош на механизам опремен со овластувања за санкционирање; и ii) да бидe предмет на систематско подигање на свеста во однос лицата кои вршат највисоки извршни функции преку обука, посветено упатување и советување, вклучувајќи и доверливо советување (точка 61);
- да се изменат владините правила со цел да се обезбеди имињата и функциите на сите присутни на владините седници, поткомитети и работни групи, вклучувајќи ги и третите лица, да бидат јавно достапни на интернет (точка 68);
- да се воведат правила со кои ќе се регулираат i) интеракциите на лицата што вршат највисоки извршни функции со лобисти и трети страни кои сакаат да влијаат врз процесот на донесување одлуки; и ii) редовно објавување на таквите контакти, вклучувајќи го и предметот на дискусија и идентитетот на лицата кои учествуваат и/или биле застапени на таквите состаноци (точка 74);
- правилата за ад хок откривање и управување со случаи на судир на интереси треба да се надополнат со практични упатства и практични мерки за нивно спроведување, како што се посветена обука, советување и подигање на свеста за лицата што вршат највисоки извршни функции (точка 83);
vii. постојните правила за прифаќање на подароци од страна на лица кои вршат највисоки извршни функции да се поедностават и да се обезбедат совети за тоа како да управуваат со такви ситуации (точка 92);
viii. да се зајакне надзорот во однос на изјавите за интереси и имот на лицата кои вршат највисоки извршни функции во владата преку (i) обезбедување на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) со човечки и финансиски ресурси, надлежности, методологии и алатки кои се соодветни за правилно и ефикасно извршување на нејзините должности; (ii) да се воспостави соодветен механизам за верификација и спроведување на истраги кога е потребно и (iii) да се објавуваат резултатите, како што е најсоодветно (точка 104);
- анализа на практичната примена на системот на санкции во однос на прекршување на правилата/легислативата за конфликт на интереси, интегритет и анти-корупција и обезбедување дека санкциите се ефикасни, пропорционални и одвратувачки (точка 107);
Во однос на агенциите за спроведување на законот:
- (i) да се обезбеди доволна оперативна независност на полицијата во однос на Министерството за внатрешни работи и истата да се осигура во пракса (ii) да се преземат релевантни мерки со цел да се обезбеди индивидуалните должности на полицајците да бидат соодветни со постоечките правила за интегритет и непристрасност со цел да ги извршуваат своите функции на политички неутрален начин во пракса (на пр. преку свесност, обука, санкции итн.) (точка 118);
- зголемување на транспарентноста на полицијата преку подобрување на пристапот до информации, меѓу другото, преку објавување на извештаи за резултатите од нејзините активности и донесување одлуки, полициски буџет, административни постапки, вклучувајќи извештаи за јавни набавки, статистика, правилници и слични информации, по можност он-лајн (точка 122);
xii. усвојување на фокусирани, ориентирани кон резултати и консолидирани политики за спречување на корупцијата и интегритет за полицијата, целосно интегрирани во националниот анти-корупциски процес на планирање, засновани на систематски и сеопфатен преглед на областите склони кон ризици од корупција, придружени со целни мерки за ублажување и контрола кои се предмет на редовна евалуација и проценка на влијанието (точка 128);
xiii. воспоставување на релевантен механизам во рамките на полицијата со цел за управување со ризици од корупција (точка 130);
xiv. (i) ревидирање на Кодексот на полициска етика во широка консултација со широк круг на засегнати страни, вклучувајќи полициски персонал на сите нивоа, нивни претставници и граѓанското општество, со цел да се консолидираат постојните одредби и да понудат сеопфатни практични насоки за етичките прашања, меѓу другото за интегритет, конфликт на интереси, подароци и спречување на корупција; и (ii) систематско подигнување на свеста на полицијата во однос на стандардите содржани во ревидираниот/новиот кодекс преку обука, посветено упатство и советување, вклучувајќи и доверливо советување (точка 135);
- (i) обезбедување дека регрутирањето во полицијата, вклучувајќи директно регрутирање и трансфер од други институции, е компетитивно и базирано на објективни и транспарентни критериуми и постапки; и (ii) воведување на проверки на интегритетот и тестирање на лица кои се вработуваат во полицијата (точка 141);
xvi. да се воспостават објективни и професионални критериуми за назначување на Директорот на Полицијата (Бирото за јавна безбедност), кои одговараат на потребите на таквата позиција (точка 143);
xvii. (i) да се воведат објективни и транспарентни критериуми и процедури за периодични проверки на интегритетот на полицискиот персонал; и (ii) резултатите од таквите проверки да се користат во постапките за унапредување (точка 150);
xviii. да се спроведе студија за практиките на активностите на полициските службеници после завршување на нивното вработување и, во зависност од резултатите, да се донесе регулаторна рамка со цел да се ограничат ризиците од конфликт на интереси, ако е потребно (точка 164);
xix. властите да ја анализираат потребата од воведување на обврска за пријавување на имот/интереси од стана на највисокото раководство и/или одредени позиции во полицијата, со цел да се воведат такви правила (точка 165);
- обезбедување на автономија и независност од несоодветно влијание на механизмот за внатрешна контрола на полицијата и обезбедување на соодветен мандат, ресурси и експертиза (точка 168);
xxi. расположливите механизми за надворешен надзор на полициските сили, вклучувајќи ги и оние на Парламентот, Канцеларијата на Народниот правобранител и Јавното обвинителство, треба да бидат предмет на соодветно ниво на транспарентност во однос на случаите што се обработуваат и соодветни статистички податоци да се објавуваат во редовни интервали (точка 170);
xxii. значително да се зајакнат мерките за практична имплементација на Законот за заштита на укажувачи во рамките на полицијата и соодветни информации да се направат достапни за јавноста (точка 173);
xxiii. жалбите против полицискиот персонал да бидат одразени во сеопфатни статистики, кои ги опфаќаат дисциплинските и кривичните постапки и се јавно достапни (точка 175).
- Согласно правилото 30.2 од Правилникот за работа, ГРЕКО ги повика властите на Северна Македонија да поднесат извештај за мерките кои имаат преземено со цел за имплементација на погоре-наведените препораки до 30 Септември 2020 година. Мерките ќе бидат оценети од страна на ГРЕКО во рамките на неговите специфични процедури за усоглалсеност.
- ГРЕКО ги поканува властите на Северна Македонија да дозволат, најбрзо што е можно, публикација на овој извештај и преводот на овој извештај на националниот јазик да го направат достапен за јавноста.“
Советник за интегритет ќе ги советува членовите на Владата за препораките од Извештајот на ГРЕКО
Со меѓународна соработка до ефикасна борба против корупцијата
Проф. д-р Ана Павловска-Данева именувана за член на ГРЕКО
Етичкиот кодекс значи одговорност за пратениците во и надвор од Собранието
Пратениците добија етички кодекс
Предложен кодекс за етичко однесување на пратениците во Собранието на РМ
Собранието да донесе измени во Законот за пратениците и да донесе Кодекс за етика на пратениците
М.В