/ Прочитано:

658

Синдикатите ќе бидат вклучени во измените на Изборниот законик, Кривичниот законик и Законот за граѓанска одговорност

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, оствари средба со претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Главната тема на дискусија на средбата беше прашањето околу третманот и заштитата на медиумските работници во Северна Македонија.

Се разговараше околу потребата за измена на Кривичниот законик (КЗ), на што во моментот се работи со поддршка на Мисијата на ОБСЕ, со посебен фокус во однос на препораките на синдикатите – медиумските работници да бидат опфатени со посебни одредби во КЗ.

„Министерот Маричиќ истакна дека синдикатите ќе учествуваат во дефинирањето на одредбите од овој закон во делот на кривичните дела кои се однесуваат на различни форми на напади или закани упатени кон медиумските работници.

Покрај законските измени, соговорниците се согласија дека е потребно и одлучно постапување по службена должност од страна на надлежните институции за истражување и за санкционирање на овие дела.

Воедно, на средбата се дискутираше и околу најавената измена на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, за кој Маричиќ истакна дека во моментот се подготвува анализа во која ќе бидат содржани и препораките за измени на законот, кои ќе се разгледуваат заедно со синдикатите.

Последна, но не и помалку значајна тема беше околу измените на Изборниот законик во делот на одредбите кои се однесуваат на медиумите, за кои Маричиќ исто така најави соработка со синдикатите“, велат од Министерството за правда.

М.В