/ Прочитано:

1.126

СЈО најавува жалба за одбиениот предлог за притвор за осомничен во „Трезор“

Како што потврдува за Академик обвинителката Ленче Ристоска, СЈО во петокот поднело жалба и на решението на претседателот на Кривичниот суд, со кое беше одбиено барањето за изземање на судијката Лидија Петровска, кај која беше распределен еден од обвинителните предлози што ги поднесе СЈО на 15 септември.

Нова зграда на СЈО

Специјалното јавно обвинителство сѐ уште го нема добиено решението на Основниот суд Скопје 1 со кое се одбива неговото барање за определување на притвор за еден од осомничените во предметот „Трезор“.

Кривичниот суд во петокот доцна попладне информира дека судија на претходна постапка, постапувајќи по предлогот за определување мерка притвор поднесен од страна на СЈО против едно лице опфатено во предметот на СЈО „Трезор“, донел решение со кое предлогот бил одбиен како неоснован.

Иако не го добиле решението, сепак до СЈО најавуваат жалба на решението.

Кривичниот суд сè уште нема постапено по барањето за замрзнување на сметките на осомничените во предметот „Трезор“. За злоупотреба на службената положба и овластување во последниот предмет на СЈО осомничени се три лица на раководни позиции во УБК и едно лице на раководна позиција во МВР.

СЈО поднело жалба за неприфаќањето на барањето за изземање на Петровска

Како што потврдува за Академик обвинителката Ленче Ристоска, СЈО во петокот поднело жалба на решението на претседателот на Кривичниот суд, со кое беше одбиено барањето за изземање на судијката Лидија Петровска, кај која беше распределен еден од обвинителните предлози што ги поднесе СЈО на 15 септември.

Ристоска вели дека Обвинителството има право на жалба бидејќи обвинителниот предлог сè уште не е стапен на правна сила, односно не е закажано рочиште за него.

„Во ваков случај Обвинителството има право на жалба и ние го искористивме тоа право и ја поднесовме жалбата до Апелациониот суд“, вели Ристоска.

Сомнежот во непристрасноста на судијката која го води предметот за уништувањето на службени документи во Управата за безбедност и контраразузнавање е причината поради која Специјалното јавно обвинителство побара изземање на судијката од предметот.

Како што наведе СЈО, постојат околности што предизвикуваат сомневање во непристрасностa на судијката во донесување на одлука, од причини што таа се јавува во содржината на јавнообјавените незаконски прислушувани разговори.

Во меѓувреме, судот закажа рочиште за вториот обвинителен предлог кој се однесува на протестите пред Општина Центар, за кој осомничени се 14 лица кои се товарат за сторено кривично дело насилство. Судењето е закажано за 21 ноември.

М. С.