/ Прочитано:

2.527

СЛУЧАЈ „ЌЕЛИЈА“: Казни затвор од две до четири и пол години за петтемина обвинети

При изрекувањето на казната, судијата Ѓоко Ристов во судницата, во која не беа доведени обвинетите од притворските одделенија, истакна дека одлуката ја донел врз основа на Законот за одмерување на казните, имајќи ги предвид олеснителните околности за обвинетите дека дел од нив се во брачна заедница, дека имаат деца, дека не се осудувани и дека ова е прво кривично дело кое го сториле.

Судење за случај „Ќелија“

Петтемина обвинети во случајот „Ќелија“ кои ја признаа вината во текот на главната расправа за случајот, денеска добија затворски казни кои се помали во споредба со останатите шестмина обвинети кои ја признаа вината во фаза на Јавна седница за оцена на обвинителен акт и се спогодија со Обвинителството за организиран криминал за висината на казните.

За делото учество во странска војска, полиција, паравоена или параполициска формација од членот 322-а став 1, 2 и 6 на обвинетиот Иса Фуга му беше изречена единствена казна во траење од 4 и пол години.

На обвинетиот Абдула Абдулахи кој беше обвинет по однос на два става, 1 и 6, од членот 322-а за учество во странска војска му беше изречена единствена казна затвор во траење од 3 години и 1 месец.

Обвинетиот Ерол Рустеми за кривичното дело учество во странска војска, полиција, паравоена или параполициска формација од членот 322-а ставови 1 и 6 доби единствена казна затвор во траење од 4 години.

Мухамед Имери беше осуден на двегодишна казна затвор за сторено кривично дело учество во странска војска, полиција, паравоена или параполициска формација од членот 322 – а став 3, а иста висина на казната доби и Стефан Стефановски кој се товараше по истиот став од членот 322-а.

При изрекувањето на казната, судијата Ѓоко Ристов во судницата, во која не беа доведени обвинетите од притворските одделенија, истакна дека одлуката ја донел врз основа на Законот за одмерување на казните, имајќи ги предвид олеснителните околности за обвинетите дека дел од нив се во брачна заедница, дека имаат деца, дека не се осудувани и дека ова е прво кривично дело кое го сториле.

Ристов истакна дека со висината на казната се надева дека ќе има специјална, но и генерална превенција за повторување на делото.

Судење за случај „Ќелија“

„Можеби обвинетите биле заведени од идеологија која не била добра ниту за нив, ниту за човештвото, но се надевам дека тие ќе се вратат на правиот пат и дека ќе му се посветат на семејството, а оние кои немаат семејство – дека ќе создадат семејство“, рече Ристов.

Обвинетите денеска не ба спроведени од притворските одделенија каде што од август минатата година се наоѓаат во притвор. Денеска Судот донесе одлука да им биде продолжен притворот до правосилноста на пресудата.

Покрај тоа, судијата Ристов даде поука дека обвинетите можат да се жалат за висината на казната, но не и за фактичката состојба.

Сите петмина на рочиштето во понеделникот истакнаа дека се чувствуваат виновни и дека го признаваат делото кое им се става на товар. Рекоа дека одлуката ја донеле по сопствена волја и дека никој не вршел притисок врз нив.

Претходно, по спогодбата за вина, на шестемина обвинетите им беа определени следниве казни: оџата Реџеп Мемиши, кој е осомничен за делото учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, според членот 322-а, став 1, беше осуден на казна затвор во траење од 7 години; на Ахмет Дарлишта, кој се товари за истото дело, но по три става од членот 322-а, му беше определена казна затвор од 5,5 години, додека на Фазли Суља, на Сејфула Едемовски, на Шеху Мухамед и на Ресуљ Саити, кои се осомничени по два става од членот 322-а за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, им беше определена единствена казна затвор во траење од 5 години.

Ова беше прв случај во Македонија кој беше поведен против лица кои заминуваат во странски војски и кои се борат на воените жаришта на Блискиот Исток откако во земјава беа создадени законски услови за кривично гонење за ова дело во септември 2014 година.

М. С.

„Ќелија“