/ Прочитано:

2.238

СЛУЧАЈ „ЌЕЛИЈА“: Обвинетите за учество во странска војска ја признаа вината

Иса Фуга, Абдула Абдулахи, Ерол Рустеми, Мухамед Имери рекоа дека се чувствуваат виновни. Петтообвинетот, Стефан Стефановски, најпрво рече дека не се чувствува виновен, но дека го признава делото што му се става на товар. Судијата Ѓоко Ристов, кој го води предметот, го предупреди Стефановски дека мора да се изрази само за вината, по што обвинетиот рече дека ја признава вината.

Судење за случај „Ќелија“

Петтемина обвинети во случајот „Ќелија“ ја признаа вината што им се става на товар. На денешната главна расправа сите обвинети пред судот истакнаа дека се чувствуваат виновни и дека ги признаваат делата што им се ставаат на товар.

Иса Фуга, Абдула Абдулахи, Ерол Рустеми, Мухамед Имери рекоа дека се чувствуваат виновни. Петтообвинетот, Стефан Стефановски, најпрво рече дека не се чувствува виновен, но дека го признава делото што му се става на товар. Судијата Ѓоко Ристов, кој го води предметот, го предупреди Стефановски дека мора да се изрази само за вината, по што обвинетиот рече дека ја признава вината.

На прашањето на судијата дали обвинетите го дале признанието на вина доброволно, дали некој ги присилил или, пак, дали биле под притисок и дали се свесни дека со признанието на вината немаат право на жалба, сите обвинети рекоа дека сами ја донеле ваквата одлука.

Бидејќи по признанието на вина се презентираат само докази кои се во прилог на обвинетите, а тие докази се дека обвинетите не биле досега кривично гонети и против нив не се води постапка, судијата им даде завршен збор на Обвинителството и на одбраната.

Обвинителот Владимир Милошевски во завршниот збор побара од судот да ги прогласи за виновни обвинетите поради нивното признание на вината и побара нивната казна да биде одмерена во согласност со Законот за одмерување на висината на казната во согласност со нивната вина и во насока на заштита на јавните добра.

Адвокатот на Иса Фуга, Бујар Дардхишта, во својот завршен збор истакна дека неговиот клиент е млад човек и поради фактот дека ја признал вината, а досега не бил осудуван за друго дело ниту, пак, против него се води некаква постапка, побара судот при одмерување на казната да ги има предвид сите овие околности и да му изрече поблага санкција, но и санкција која ќе ја оправда целта на казнувањето. Иса Фуга се товари за три става од членот 332-а од Кривичниот законик.

(1) Тој што спротивно на закон создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.
(2) Тој што спротивно на закон на било кој начин, директно или индиректно, нуди, дава, обезбедува, бара, собира или прикрива финансиски средства, фондови, материјални средства или опрема кои целосно или делумно се наменети за извршување на делото од став (1) на овој член, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.
(6) Тој што го сокрива извршителот на делото од ставовите (1), (2), (3), (4) или (5) на овој член, или помага во спречување на откривањето на делото или извршителот преку сокривање на средствата со кои е извршено делото, доказите или на било кој друг начин, ќе се казни со затвор од една до пет години.

Судење за случај „Ќелија“

Асмир Алиспаиќ, кој застапуваше тројца обвинети, за секој поединечно ги изнесе околностите што, според него, судот треба да ги има предвид при одмерување на казната.

За обвинетиот Абдула Абдулахи, Алиспаиќ рече дека е татко на малолетни деца, дека живее во семејна заедница и дека има болна и неподвижна мајка и дека тој е единствениот извор на егзистенција за целото семејство.

„Поради фактот дека ја призна вината, што постои како можност во Законот за кривична постапка, но и тоа дека е неосудуван и верник кој потекнува од патријархално семејство, барам за него да биде донесена коректна и задоволителна одлука со цел да се постигне целта на казнувањето, но и да се дејствува превентивно за да не се повторува ваквото дело“, рече Алиспаиќ. Абдулахи се товари за два става од членот 322-а.

(1) Тој што спротивно на закон создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.
(6) Тој што го сокрива извршителот на делото од ставовите (1), (2), (3), (4) или (5) на овој член, или помага во спречување на откривањето на делото или извршителот преку сокривање на средствата со кои е извршено делото, доказите или на било кој друг начин, ќе се казни со затвор од една до пет години.

За обвинетиот Ерол Рустеми, Алиспаиќ рече дека е млад човек кој има сериозни здравствени проблеми. И за него повтори дека никогаш не бил осудуван, се однесувал коректно во текот на целата постапка и побара да му биде изречена најблагата санкција. Рустеми се товари за два става од членот 322-а.

Обвинетиот Мухамед Имери, кој работел како таксист, живее во семејна заедница и никогаш не бил осудуван. Алиспаиќ и за него побара од судот да му определи соодветна санкција.  Тој се товари за еден став од членот 322-а.

(3) Државјанин на Република Македонија кој спротивно на закон учествува во или се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија, ќе се казни со затвор од најмалку четири години.

Адвокатот на Стефан Стефановски, Слободан Богојевиќ, за својот клиент побара од судот при изрекување на казната да ја има предвид неговата младост, неговата професионална определба – доктор и фактот дека досега не бил осудуван.

Стефановски се товари за еден став од членот 322-а.

(3) Државјанин на Република Македонија кој спротивно на закон учествува во или се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија, ќе се казни со затвор од најмалку четири години.

Судијата Ристов го најави изрекувањето на казните за в среда, 18 мај.

Марија Севриева

СЛУЧАЈ „ЌЕЛИЈА“: Казни затвор од 5 до 7 години за признание за учество во паравоена формација