/ Прочитано:

2.082

СЛУЧАЈ „ЌЕЛИЈА“: Почнува судењето на обвинетите за учество во странска војска

На Јавна седница за оцена на обвинителниот акт шест обвинети го признаа делото кое им се става на товар.

Јавна седница за оцена на обвинителен акт за случај „Ќелија“

Денеска во Кривичниот суд во Скопје ќе започне судењето за случајот „Ќелија“ кој се води против пет лица обвинети за учество во странска војска.

На Јавна седница за оцена на обвинителниот акт шест обвинети го признаа делото кое им се става на товар.

По спогодбата за вина, на обвинетите им беа определени следниве казни: оџата Реџеп Мемиши кој е осомничен за делото учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, според членот 322-а, став 1, беше осуден на казна затвор во траење од седум години; на Ахмет Дарлишта, кој се товари за истото дело, но по три става од членот 322-а, му беше определена казна затвор од 5,5 години, додека на Фазли Суља, на Сејфула Едемовски, на Шеху Мухамед и на Ресуљ Саити, кои се осомничени по два става од членот 322-а за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, им беше определена единствена казна затвор во траење од 5 години.

Адвокатите на петтемина осомничени за кои Судот ја издвои постапката истакнаа дека обвинението не ги задоволува основните стандарди за обвинение, особено имајќи го предвид фактот дека ова е прв случај од ваков вид во Република Македонија откако беа направени законските измени.

Обвинителот во случајот, Владимир Милошевски, при презентирањето на обвинителниот акт пред Судот, истакна дека опфатените дејствија, кои ги сториле осомничените, започнале во октомври 2014 година.

„Има три категории на дела кои ги им се ставаат на товар на осомничените. Прво, регрутирање лица во странски војски или паравоени формации, второ, собирање финансиски средства и материјална помош за поддршка на лицата кои ќе се приклучат во странска војска или паравоена формација, обезбедување на нивното патување, обука и учество во странската војска и трета категорија на дела – учество во странска војска“, рече обвинителот Милошевски.

Тој истакна дека се собрани поголем број на материјални докази со кои се докажуваат делата што им се ставаат на товар, а поради тоа што групата осомничени биле многу затворени како целина која заеднички функционирала, биле применети и посебни истражни мерки за следење на комуникациите меѓу нив и меѓу осомничените и трети лица.

СЛУЧАЈ „ЌЕЛИЈА“: Казни затвор од 5 до 7 години за признание за учество во паравоена формација