/ Прочитано:

1.689

СЛУЧАЈ „МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА“: Апелација им ги намали казните на обвинетите

Адвокатката на Видески, Светлана Савиќ, вели дека ќе побара вонредно преиспитување на делот од пресудата кој е правосилен, а ќе го продолжат процесот за делото за кое предметот се враќа на почеток.

sudenje-muzej-2

Апелациониот суд во Скопје делумно ги прифатил жалбите на осудените во случајот „Музеј на Македонија“ и ја преиначил првостепената пресуда донесена од Кривичниот суд.

Како што наведуваат од Кривичниот суд, Апелациониот суд ги преиначил казните за делата: несовесно работење во службата, злоупотреба на службената положба и овластување и прикривање, кои им се ставаа на товар на дел од обвинетите.

Покрај тоа, Апелациониот суд ја укинал првостепената пресуда за кривичното дело отуѓување на културното наследство од особено значење во државна сопственост, од членот 266-а од КЗ, со која беа осудени Златко Видески, Перо Јосифовски и Часлав Кузмановски и во тој дел предметот го вратил на повторно судење.

Адвокатката на Видески, Светлана Савиќ, вели дека ќе побара вонредно преиспитување на делот од пресудата кој е правосилен, а ќе го продолжат процесот за делото за кое предметот се враќа на почеток.

На првообвинетиот Златко Видески, кој со првостепената пресуда беше осуден на единствена казна затвор во траење од 6 години и 8 месеци за две кривични дела, Апелациониот суд му ја преиначил казната и за кривичното дело несовесно работење во службата, од членот 353 – в ст. 4 в.в со ст. 3 и ст. 1 од КЗ, и го осудил на казна затвор во траење од 2 години и 6 месеци, во која му се засметува времето минато во притвор од 27.2.2014 година до правосилноста на пресудата.

На Софка Кушоска-Сафитли, која со првостепената пресуда беше осудена на казна затвор во траење од 3 години, Апелациониот суд ѝ ја преиначува казната и за кривичното дело несовесно работење во службата од членот 353 – в ст. 4 в.в со ст. 3 и ст. 1 од КЗ, ја осуди на казна затвор во траење од 2 години и 6 месеци, во која ѝ се засметува времето минато во притвор.

На Перо Јосифовски, кој беше осуден со првостепената пресуда на единствена казна затвор во траење од 8 години и 8 месеци за две кривични дела, Апелациониот суд му ја преиначува казната и за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, од членот 353 ст. 4 в.в со ст. 1 в.в со членот 22 и 45 од КЗ, го осудува на казна затвор од 2 години и 3 месеци, во која му се засметува времето минато во притвор од 27.2.2014 година до правосилноста на пресудата.

sudnje-muzej-3

На Часлав Кузмановски, кој со првостепената пресуда беше осуден на единствена казна затвор во траење од 7 години и 8 месеци за две кривични дела, Апелациониот суд му ја преиначува казната и за кривичното дело прикривање од членот 261 ст. 3 в.в со ст. 1 од КЗ, го осудува на казна затвор во траење од 2 години и 6 месеци, во која му се засметува времето минато во притвор од 27.2.2014 година до правосилноста на пресудата.

На Јован Кондијанов, кој со првостепената пресуда беше осуден на казна затвор во траење од 3 години, Апелациониот суд му ја преиначува казната и за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување,од членот 353 ст. 4 в.в со ст. 1 в.в со членот 22 и 45 од КЗ, го осудува на казна затвор од 9 месеци, во која му се засметува времето минато во притвор од 27.2.2014 година до правосилноста на Решението на Кривичниот суд од 27.10.2014 година, односно до 3.11.2014 година.

На Дарко Кржовски, кој со првостепената пресуда беше осуден на казна затвор во траење од 1 година, Апелациониот суд му ја преиначува казната и за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, од членот 353 ст. 4 в.в со ст. 1 в.в со членот 22 и 45 од КЗ, го осудува на казна затвор од 9 месеци, во која му се засметува времето минато во притвор од 27.2.2014 година до правосилноста на Решението на Кривичниот суд од 27.10.2014 година, односно до 3.11.2014 година.

На Андреј Ежов, кој со првостепената пресуда беше осуден на казна затвор во траење од 1 година, Апелациониот суд му ја преиначува казната и за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, од членот 353 ст. 4 в.в со ст. 1 в.в со членот 22 и 45 од КЗ, го осудува на казна затвор од 9 месеци, во која му се засметува времето минато во притвор од 27.2.2014 година до правосилноста на Решението на Кривичниот суд од 27.10.2014 година, односно до 3.11.2014 година.