/Прочитано:

724

Сојузот на синдикатите на Македонија за легитимноста на изборот на новиот претседател

На 14.8.2017 година, легитимно избраниот претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, м-р Дарко Димовски, го презеде раководењето на Сојузот на синдикатите на Македонија, соопштуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија.

„М-р Дарко Димовски пред околу една година беше избран за в.д. претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија на седница на Советот на ССМ одржана на 13.11.2016 година, со мнозинство на членовите на Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија, по што Министерството за труд и социјална политика, врз основа на доставената комплетна документација, во согласност со Законот за работни односи на 14.11.2016 година донесе решение со кое за лице овластено за застапување на Сојузот на синдикатите на Македонија се запишува м-р Дарко Димовски.

Легитимноста на претседателот Димовски, велат од Сојузот на синдикатите, покрај потврдата од Министерството за труд и социјална политика, беше потврдена  и од страна на Централниот регистар на Република Македонија кој го запиша Дарко Димовски како лице овластено за застапување на Сојузот на синдикатите на Македонија.

„Претседателот на ССМ, м-р Дарко Димовски, во своето прво обраќање истакна дека конечно профункционира правната држава и дека конечно се слушна гласот на работниците. Сојузот на синдикатите на Македонија конечно ќе може вистински да работи на заштита на работничките права, унапредување на социјалниот дијалог и враќање на синдикалното единство и синдикалната доверба преку подигнување на работничките права на највисоко ниво и во интерес на работниците“, додаваат во соопштението на Сојузот на синдикатите.

Вчера Централниот регистар излезе со соопштение во кое појаснува дека основен регистар за синдикатите е Министерството за труд и социјална политика.

Во врска со наводите за незаконски донесеното решение од Централниот регистар за упис на нов претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, информираме дека се неосновани и неточни, велат од Централниот регистар на Македонија.

„Во регистарот на други правни лица, врз основа на Решение број 08-8191/2 од 14.11.2016 донесено од министерот за труд и социјална политика Фросина Ременски и Решение број 08-8191/14 од 4.8.2017 донесено од министерот за труд и социјална политика Мила Царовска, се изврши евидентирање на промена на овластено лице за застапување на Сојузот на синдикати на Македонија. Во согласност со член 190, став 1 од Законот за работните односи, синдикатите се запишуваат во регистарот на синдикати, кој се води во Министерството надлежно за работите од областа на трудот. Според тоа, основен регистар за синдикатите е Министерството за труд и социјална политика. Централниот регистар на Република Македонија, во согласност со член 13 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, обезбедува податоци определени во член 4 од истиот закон за субјектите за кои основниот регистар го води друг орган“, стои во соопштението.

Вчера на прес-конференција Дарко Димовски објави дека Централниот регистар го спровел решението на Министерството за труд и социјална политика со кое тој е овластено лице за застапување на ССМ. Димовски најави дека со неговото назначување почнува ново поглавје на синдикализмот, кое ќе го врати достоинството на работниците во Македонија.

На изјавата на Димовски реагираше Живко Митревски според кого со донесувањето решение на Централниот регистар е погазен правниот систем, бидејќи од регистарот е избришан тој како легитимно избраниот претседател.

Сојузот на синдикатите на Македонија  – ССМ е организација во која доброволно и врз демократска основа се здружуваат синдикатите. ССМ ги обединува и ги застапува заедничките општествени, економски, социјални и културни интереси на здружените синдикати.

ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР: Основен регистар за синдикатите е Министерството за труд и социјална политика

М.В