/ Прочитано:

935

Советот на обвинители ќе ги разгледува поднесените пријави на огласот за јавен обвинител

Советот на јавните обвинители утре ќе одржи седница на која ќе ги разгледа поднесените пријави на огласот за јавен обвинител на Република Македонија. По седницата, како што се наведува во соопштението, Советот ќе даде мислење за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите во согласност со законот.

Владата на РМ на 20 октомври ги достави апликациите на кандидатите за јавен обвинител до Советот на јавните обвинители. На огласот за државен јавен обвинител, пријавени се 23 кандидати.

Советот на јавните обвинители, по барање на Владата, во рок од 15 дена треба да ѝ достави позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите во согласност со законот.

Владата потоа до Парламентот доставува предлог за именување на јавен обвинител од пријавените кандидати, за кои Советот дал позитивно мислење.

Во случај Советот на јавните обвинители, во рок од 15 дена, да не даде мислење за предложените кандидати, течат нови 15 дена. Доколку и тогаш не се изјасни, се смета дека мислењето на Советот е позитивно. Доколку Советот за ниту еден од кандидатите не даде позитивно мислење, Владата може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.

Владата на седница ги разгледува кандидатурите, вклучително и мислењето од Советот на јавните обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот. Потоа одлуката оди во Собрание како предлог-решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавните обвинители. За именување на јавен обвинител, Собранието на РМ одлучува со просто мнозинство од 61 глас.

Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување. Новиот државен јавен обвинител треба да дојде на местото на Марко Зврлевски, кој беше разрешен од Собранието на 17 август годинава. До назначувањето на нов јавен обвинител, времено функцијата ја извршува Лилјана Спасовска.