СПЕЦИЈАЛНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ ДО ИВАНОВ: Ни наметнавте статус на осомничени
Специјалните јавни обвинители кои се најдоа во одлуките за помилување на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, бараат ставање на одлуките надвор од правна сила.
Фатиме Фетаи до Иванов: „Но пасаран“
За да се најдам на листата на помилувани, треба да се стекнам со кривичноправен статус на осомничен. До денот кога Вие грубо ги пречекоривте Вашите овластувања и ја донесовте срамната и незаконска одлука за мое помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка, ниту јавниот обвинител одлучил да бидам кривично гонета, ниту имам статус на осомничено лице, му пишува обвинителката Фатиме Фетаи на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во писмото со кое бара да биде ставена надвор од правна сила одлуката за нејзино помилување.
„Ја одбивам Вашата ‘добрина’ и ‘милостина’ која патем треба да ја чувате за, како што изјавивте, во иднина. Но и во иднина Ве замолувам немојте неразумно да се расфрлате со неа за мене. Јас како јавен обвинител треба да бидам пример за правичност и затоа инсистирам да одговарам за моите постапки, како што и ќе инсистирам секој да одговара за своите, без исклучок. Ова последното е потсетување дека не сум од класата на Вашите ‘политичари’ на кои несебично им ја поделивте Вашата ‘милостина’, со цел и на начин разбирливи само за Вас, преку неказнување на потенцијалните извршители на тешки кривични дела да стимулирате социјална катарза и да постигнете благосостојба во општеството на подолг рок. Видливо е дека ќе ја постигнете целта која ја најавивте, само во обратна смисла“, вели Фетаи.
Таа наведува дека кривичната пријава поднесена против неа е јалова конструкција на одредена група луѓе на кои очајно им треба или допрва ќе им треба „милостината“ на Претседателот, а е поднесена со цел да им се наштети на нејзиниот личен и професионален углед и на угледот на Обвинителството.
Фетаи вели дека во спроведувањето на најсрамниот чин во историјата на Македонија и поради неразбирливо брзање наместо неа, Фатиме Фетаи од село Боговиње, Тетовско, помилувана е извесна Фатиме Фетаи од Гостивар.
Лиле Стефанова до Иванов: Одлуката за помилување е донесена врз основа на непостоечки член
И обвинителката Лиле Стефанова од Специјалното јавно обвинителство бара повлекување на одлуката на Иванов од лични и правни причини.
„Го одбивам Вашето помилување како незаконско и непотребно, а како јавен обвинител Ви укажувам дека вината треба да се докажува низ судска постапка, за секој без исклучок. Ослободувањето од кривично гонење на лицата кои се наведени во Вашите акти за помилување само поради тоа што се политичари или јавни обвинители во никој случај не може да биде оправдано, а најмалку под изговор за високи државни интереси.
Гаврил Бубевски до Иванов: Вршите психолошко помагање на кривично дело
Не можам да се изначудам на кој начин отворивте процедура за мое помилување, од каде Ви се податоците дека против мене се води некаква постапка, дали воопшто знаете дали е започнато некакво кривично гонење против мене за да ме ослободите од него. Господине Иванов, од Вас јас не барам милостина и не ја сакам. Јас ако нешто сум направил и ако тоа претставува кривично дело, ќе си одговарам за тоа, само обвинителството ќе треба да докаже. Како јавен обвинител треба да бидам пример за правичност и правда и затоа инсистирам да одговарам за моите постапки, вели во писмото до Иванов обвинителот Гаврил Бубевски од Специјалното јавно обвинителство.
„Не знам дали Вие знаете колку кривични пријави секојдневно се поднесуваат во Скопското јавно обвинителство, меѓу другото и за јавни обвинители и за судии, дури и за раководните лица на тие институции, секако и за Јавниот обвинител на Република Македонија. Зошто едноставно не го побаравте уписникот на кривични пријави и не ги ослободивте од гонење сите пријавени? Дали Вашиот правен тим, кој и да учествува во него, Ви посочил дека за да се ослободи човек од гонење треба некој да го гони?“, прашува Бубевски.
Сакам да ви посочам и дека Јавното обвинителство на Република Македонија против едно лице води постапка за психолошко помагање на кривично дело, продолжува Бубевски во своето писмо.
„Дури и првостепениот суд го има прифатено таквиот став. За Ваша среќа, сега засега, Апелациониот суд во Скопје не е на таа линија. Инаку, во ситуација кога помилувавте толку многу лица, притоа за некои ниту се води, за некои е поведена, а некои се и осудени, и според Вашето излагање планирате и понатаму да помилувате, јас можам да Ви укажам дека Вие во контекст на претходнокажаното вршите психолошко помагање според правните сфаќања на Јавното обвинителство на Република Македонија, и тоа речиси на сите кривични дела од Кривичниот законик. Вие не знаете какви сѐ дејствија, односно недејствија има во прислушуваните разговори. Тргнавте во многу опасна авантура и верувам дека се работи или за лекомисленост, или за измама спрема Вас, за да донесете таква одлука, или за правна или стварна заблуда во однос и на можноста и на суштината за ваква одлука, или за некаква уцена. Употребата на членот 11 од Законот за помилување исто така нема да го коментирам. Доволно Ви кажаа сите истакнати правни умови во оваа држава.