ССК: Мерки за институционално справување со загадувањето и со климатските промени
Сојузот на стопански комори на Македонија со Иницијативата на жени во климатска акција отпочна со кампања посветена на подигнување на свеста и преземање мерки со кои се мотивираат и се ангажираат институциите и компаниите да се борат со загадувањето и со климатските промени. На алармантно ниво е загадувањето не само на воздухот туку и на животната средина воопшто, што се одразува негативно и со долгорочни последици за сите што живеат и работат во Македонија.
„Членовите на Сојузот директно придонесуваат за справување со загадувањето и со климатските промени, но потребно е акцијата да биде масовна. Затоа ги повикуваме сите да се придружат во акцијата која е едноставна, но ефективна. Секој треба да оцени колку од овие активности ги спроведува во својата институција или компанија, помагајќи да стане поодржлива, а во исто време ѝ помагате на државата и светот во акцијата против климатските промени”, изјави Арсовска.
Компаниите членови на Сојузот активно ги преземаат следните 10 чекори кои се повик за дејствување на сите институции, организации и компании.
- Застапување на барања за акција за справување со загадувањето и со климатските промени пред институциите на локално и национално ниво;
- Подигнување на свеста кај своите вработени, партнери, добавувачи, потрошувачи, медиумите и други засегнати страни;
- Избираат добавувачи кои применуваат добри практики за заштита на животната средина;
- Промовирање на еколошки начин на работа, без употреба на хартија, преку користење на дигитални алатки, со што се намалуваат трошоците и употребата на вишок материјали
- Преземаат мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови;
- Дејствуваат кон намалување на потрошувачката на енергија на работното место;
- Одбираат обновливи извори на енергија за своите потреби и проекти;
- Дејствуваат кон намалување на производството на отпад, рециклираат, вршат поправка наместо замена за нови предмети на работното место;
- Поттикнуваат користење јавен и алтернативен транспорт;
- Одбираат зелена инфраструктура и опрема според најновите еколошки стандарди, опрема која е ефикасна енергетски и одржлива.
Македонија веќе со денови не се спушта од листата на држави кои се најзагадени во светот. Деновиве е меѓу првите 10 земји според светската страница за мерење на квалитетот на воздухот „АирВизуал“.
М.В