/ Прочитано:

4.105

Стапуваат во сила нови правила за контрола на границите во Европската Унија

Освен граѓаните од трети земји, од денеска, на границите меѓу земјите потписнички на шенгенскиот договор детално ќе се проверуваат и граѓани на Европската Унија. Во согласност со усвоените амандмани на Законот за шенгенските граници, според кој земјите членки на шенгенскиот договор имаат обврска за воведување на засилен систем на проверка на своите гранични премини, отсега документите освен што ќе се проверуваат во шенгенскиот систем на информации, исто така, ќе подлежат на детална контрола во базата на податоци на украдени и изгубени патни документи на Интерпол, како и во државната база на податоци за украдени, злоупотребени, изгубени и оштетени патни документи.

На границите меѓу земјите членки на шенгенскиот простор од денеска почнуваат да се применуваат нови шенгенски правила за контрола на патниците заради заштита од тероризам. Освен граѓаните од трети земји, на границите детално ќе се проверуваат и граѓани на Европската Унија.

Во досегашната практика беше доволно службениците од граничната полиција да извршат само основна контрола на патниците, односно само да ги проверат нивните патни документи. Но, отсега документите освен што ќе се проверуваат во шенгенскиот систем на информации, исто така, ќе подлежат на детална контрола во базата на податоци на украдени и изгубени патни документи на Интерпол, како и во државната база на податоци за украдени, злоупотребени, изгубени и оштетени патни документи.

Министерството за внатрешни работи на Хрватска соопшти дека службениците на граничната полиција ќе спроведуваат системска проверка на сите патници и во базата на податоци на Интерпол и во националната база на податоци.

Овие системски проверки се предвидени во согласност со усвоените амандмани на Законот за шенгенските граници, според кој земјите членки на шенгенскиот договор имаат обврска за воведување на засилен систем на проверка на своите гранични премини. Засилените контроли се воведуваат поради спречување на какви било закани за внатрешната сигурност и јавниот ред на државите членки на Европската Унија.

Државјаните на трети земји за влез во Хрватска мора да имаат уредна патна исправа која им овозможува премин на границата, а која мора да биде важечка најмалку три месеци по истекот на планираниот датум на заминување од територијата на државата членка.

Освен тоа, патниците отсега па натаму ќе мора да ги оправдаат целта и условите за планираниот престој, како и да располагаат со финансиски средства кои ќе им бидат доволни за целото времетраење на престојот, за враќањето во матичната држава или, пак, за транзит до трета земја, за која се сигурни дека ќе ги прифати. Патниците ќе мора да имаат документ со кој ќе потврдат дека се во можност законски да обезбедат финансиски средства.

Во достапните бази на податоци за граѓаните од трети земји не смее да постои издадено предупредување во смисла на забрана за влез и не смее да претставува закана за јавниот поредок, меѓународната безбедност, јавното здравје или меѓународните односи за кои било држави членки на Европската Унија.

Службениците на граничната полиција на Словенија, на пример, детално ќе ги проверуваат патните документи на сите лица со помош на специјални читачи, документ по документ, на секој граничен премин. За да се избегнат евентуални непријатности, сите патници се советуваат да го проверат статусот на своите документи, особено ако во последните две години им биле отуѓени, изгубени или оштетени. Ова е потребно со цел да се даде уверување дека податоците за документите се точно внесени во државните и другите бази на податоци.

Патниците, исто така, треба да проверат и дали нивните патни документи се важечки, како и да ги проверат информациите за состојбата на граничните премини пред тргнување на патувањето и притоа треба да изберат премин со помала фреквенција на сообраќајот или да тргнат на патување во одреден дел од денот и неделата кога сообраќајниот метеж е значително помал.

А. Б.