Стопанската комора на РМ со Иницијатива за измена на Законот за трговија – укинување на рестриктивната мерка за продажба на алкохол
„Воведувањето на забраната за продажба на алкохол по 19, односно 21 часот беше со цел да се намали неговата консумација, особено кај младите. Напротив, во последниот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен лани, се констатира дека консумацијата не е само појава кај возрасните, туку и кај младите чијшто број од ден на ден станува сè поголем. Од ова произлегува дека единствена ефикасна мерка за намалување на достапноста на алкохолот кај младите е доследната и ригорозна примена на законските одредби за забрана на продажба и точење на алкохол на лица под 18 години, а не ’прохибиција‘ за сите“, изјави денеска Елена Милевска-Штрбевска, оперативна директорка на Стопанската комора.
Стопанската комора на Македонија смета дека треба да се укине забраната за продажба на алкохол по 19, односно во летниот период по 21 часот, бидејќи оваа мерка не ги даде саканите резултати, а покрај тоа, како што беше посочено денеска, предизвика и штета, пред сè, кај консументите, а потоа и кај домашната индустрија и државата.
Ова барање на Стопанската комора на Македонија е, всушност, Иницијатива за измена на Законот за трговија, која ќе биде веднаш доставена до Министерството за економија.
„Воведувањето на забраната за продажба на алкохол по 19, односно 21 часот беше со цел да се намали неговата консумација, особено кај младите. Напротив, во последниот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен лани, се констатира дека консумацијата не е само појава кај возрасните, туку и кај младите чијшто број од ден на ден станува сè поголем. Од ова произлегува дека единствена ефикасна мерка за намалување на достапноста на алкохолот кај младите е доследната и ригорозна примена на законските одредби за забрана на продажба и точење на алкохол на лица под 18 години, а не ’прохибиција‘ за сите“, изјави денеска Елена Милевска-Штрбевска, оперативна директорка на Стопанската комора.
Штрбевска нагласи и дека иако мерката за непродавање алкохол по 19, односно по 21 часот се спроведува девет години, досега нема никакви докази дека таквата рестрикција придонела за намалување на алкохолизмот во земјава.
„Затоа останува фактот дека и без овие мерки на ограничување на продажбата на алкохол во трговијата, Македонија има далеку пониска стапка на консумација на алкохол по глава на жител во овој дел од светот, ако се има предвид дека просечната потрошувачка на алкохол по глава на жител во 2015 година во Република Македонија изнесувала 5,7 литри што е значително помалку од европскиот просек од околу 10 литри по глава на жител“, истакна Штрбевска.
Според Светската здравствена организација, од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци, во Македонија најмногу се консумираат пиво (47,4 отсто од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци) и вино (39,9 отсто), а на другите пијалаци отпаѓа 12,6 проценти од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци.
Просечната консумација на пиво во Македонија се движи под 30 литри по жител годишно, додека во Србија таа количина е околу 65 литри, а во Хрватска и Бугарија таа изнесува над 75 литри. Во согласност со овој параметар, како што појасни Милевска-Штрбевска, ние сме многу далеку од Германија каде што годишно се пие по околу 120 литри пиво и Чешка каде што се консумираат близу 160 литри пиво по жител годишно, а во ниту една од овие земји или во другите земји членки на ЕУ, не постојат законски ограничувања за продажбата на алкохолни пијалаци како овие во Македонија. Исто така, многу од европските држави воопшто не предвидуваат обврска за поседување на посебни лиценци за продажба на алкохолни пијалаци или какви било ограничувања во однос на работните часови за продажба.
Директорката нагласи и дека токму ограничувањето на продажбата на алкохол придонесува во голема мера за развој на трговијата на црно, што од своја страна има негативни последици врз консументите, бидејќи, како што рече, нема контрола на квалитетот на алкохолните пијалаци. Со воведувањето, пак, на лиценците за продажба на алкохол, Штрбевска рече дека повеќе од 5.500 трговски објекти во земјата од вкупно околу 13.000 се откажале од продажбата на алкохол, со што драстично се намалил нивниот промет.
Во оваа насока, таа истакна дека Стопанската комора бара и укинување на давачката од 0,05 отсто за продолжување на лиценцата за продажба на алкохол кај трговците со над три продажни објекти, појаснувајќи дека тоа се однесува на вкупниот промет, а не само на прометот на алкохолните пијалаци.
А. Б.