/ Прочитано:

1.954

Стручна работилница на Правниот факултет „Јустинијан Први“ за транспарентноста на инвестициските арбитражи

Правниот факултет „Јустинијан Први“, во соработка со   Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ,  денеска одржа работилница посветена на транспарентноста на арбитражните постапки и Конвенцијата на Обединетите нации за транспарентност на инвестициските арбитражи.

Во своето воведно обраќање, деканот на Правниот факултет, проф. д-р Горан Коевски, истакна дека темата за транспарентноста на арбитражните постапки  и инвестициската арбитража е мошне актуелна и значајна за правната наука и за практиката  од  бизнис-сферата и странските инвестиции.

Коевски подвлече дека Правниот факултет ги следи современите трендови во инвестициското и меѓународното арбитражно право и посветува студии и програми посветени на овие прашања кои се глобален тренд, со што се прави исклучителен едукативен спој на теоријата и практиката.

Во врска со Конвенцијата на ОН за транспарентност во инвестициската арбитража, Коевски истакна дека досега 23 земји ја имаат потпишано, меѓу кои Канада, Франција, Германија, САД, Швајцарија. Таа, образложи деканот,  регулира како и кога треба да се применуваат правилата на транспарентност при инвестициските арбитражи. За жал, додаде деканот, Конвенцијата сè уште не е потпишана од ниту една земја од регионот.

Министерката за правда, проф. д-р Рената Дескоска, истакна дека правната сигурност на инвеститорите е еден од условите за привлекување странски инвестиции. Владата на Република Македонија ја прифаќа вредноста која арбитражата ја има како механизам за заштита на правата на странските инвеститори

Секоја држава домаќин,  рече министерката, мора да создаде систем за решавање на споровите во кој подеднакво ќе имаат доверба и државата домаќин и инвеститорот. Принципот на транспарентност е неопходен за јавност во процесот на решавање на споровите и за отстранување на сомнежи за корупција. Со цел да се отстрани сомнежот дека станува збор за коруптивни случаи и политичко самоволие, треба да се применува она што го предвидува оваа конвенција.

„Арбитражата е клучен фактор на правна сигурност за инвеститорите во која било земја, вклучително и Македонија, особено во услови како сега кога се прават напори да спроведеме реформи и да обезбедиме независно судство“, нагласи Дескоска, додавајќи дека во јавноста има веќе познати одредени случаи кои станаа  предмет на конфликти или предмет на судир меѓу инвеститорите и државата.

„Очекуваме во наредниот период тие да бидат предмет на некакви најверојатно арбитражни постапки. Инвестициската арбитража во моментов функционира на принципите на другите арбитражни постапки и доколку се задржи принципот на тајност и нетранспарентност, може да се предизвика сомнеж кога станува збор за државата, сомневање за корупција и поголеми бенефиции на инвеститорите“, рече Дескоска.

Осврнувајќи се на домашната и меѓународната регулатива која се однесува на странските инвестиции и арбитражните постапки, проф. д-р Тони Дескоски во своето излагање посочи дека инвестициската арбитража е примарно средство за заштита на инвестициите, и во тој контекст потребно е да се потенцира нејзината улога во современите правни системи, економијата и деловните односи.

Домашната регулатива во однос на странските инвестиции, образложи професорот,  е либерална.  Посебен акцент е ставен на договорите за заштита на странските инвестиции и на прашањата за некомерцијалните ризици, како што се нееднаквиот третман, политичките мерки и експропријацијата. Инвестициската арбитража, додаде професорот, има клучно значење за странските инвеститори, но и за државата, како во поглед на градењето на довербата така и во поглед на градењето на правната сигурност, која е мошне важна за инвеститорите.

На денешниот настан, на кој присуствуваа голем број реномирани македонски адвокати, професори и претставници на министерствата и на бизнис-заедницата, говореа експерти на Обединетите нации и на Германското друштво за интернационална соработка.

Експертите ги споделија меѓународните искуства во поглед на примената на конвенциското право за инвестициската арбитража и правилата и стандардите кои треба да се имплементираат, а кои произлегуваат од Конвенцијата на ООН посветена на транспарентноста на арбитражните постапки. Генералниот заклучок од денешната работилница беше дека транспарентноста има суштинска улога за правната сигурност во една држава затоа што преку неа се видливи правилата и процедурите, а резултатот од нивната доследна примена е отчетен.

M.В