СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Браќата Бекири негираат вина. Сведоците потврдуваат дека им биле злоупотребени податоците
На денешното рочиште како сведок на Обвинителството беше сослушан Сашо Јовановски, началник на Одделението за финансиски криминал во Бирото за јавна безбедност при МВР. Сведокот потврди пред судот дека во компјутерите запленети од домот на Бекири биле пронајдени фајлови кои се совпаѓаат со податоците од 105 лични карти кои новинар на неделникот „Фокус“ ги пријавил во Министерството за внатрешни работи. Јовановски истакна дека на 54 лица им биле злоупотребени личните податоци од нивните лични карти.
Браќата Захир и Имер Бекири, обвинети за повеќе кривични дела како: фалсификување исправа и злоупотреба на лични податоци, денеска пред Кривичниот суд, каде што се води процесот против нив познат во јавноста како „Фабрика за афери“, истакнаа дека не се чувствуваат за виновни за делата кои им се ставаат на товар.
Основното јавно обвинителството Скопје ги товари браќата за повеќе сторени кривични дела: изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело од членот 395 ст. 1 вв со чл. 22, фалсификување на исправа по повеќе ставови од членот 378 и злоупотреба на лични податоци од членот 149 ст. 1 вв со чл. 22, а во врска со пронајдените лични карти и опрема за изработка на фалсификувани лични карти при претресот во домот на обвинетите.
Според обвинението, Захир Бекири во својот дом имал работилница за изработка на фалсификувани документи, преса, секачи, амблеми, фалсификувани полномоштва од нотари.
На денешното рочиште како сведок на Обвинителството беше сослушан Сашо Јовановски, началник на Одделението за финансиски криминал во Бирото за јавна безбедност при МВР.
Сведокот потврди пред судот дека во компјутерите запленети од домот на Бекири биле пронајдени фајлови кои се совпаѓаат со податоците од 105 лични карти кои новинар на неделникот „Фокус“ ги пријавил во Министерството за внатрешни работи. Јовановски истакна дека на 54 лица им биле злоупотребени личните податоци од нивните лични карти.
„Од запленетите документи беше откриено дека нотарот, од каде што биле направени полномоштвата кои беа пронајдени во домот на Бекири, воопшто не ги заверил“, рече Јовановски.
Покрај фалсификуваните лични карти и нотарски документи, во домот на Бекири биле пронајдени и бугарска лична карта и возачка дозвола, дипломи, свидетелства, уверенија за положен испит, странски пасоши, дозволи за престој.
Адвокатот на обвинетите Мирослав Вујиќ се сомнева дека полицијата воопшто ги пронашла спорните фајлови во компјутерите во домот на обвинетите бидејќи, како што вели, тоа се компјутери на деца. Покрај тоа, тврди Вујиќ, во домашни услови, односно во станот каде што живеат браќата е невозможно да постои работилница за фалсификување како што тврди Обвинителството.
„На 17.12.2015 година, за претрес на станот на овие двајца обвинети, со наредбата која е за дрога, се пронаоѓаат документи, материјали и сѐ што е предмет на аферата која ја нарекоа „Фабрика“. На прашањето дали одземањето и отворањето на компјутерите било со цел да се пронајде дрога, Обвинителството изреагира нервозно, со што целиот театар добива своја димензија“, изјави Вујиќ, по завршувањето на денешното рочиште.
Покрај началникот, на денешното рочиште беа сослушани уште четворица сведоци, лица чии идентитет бил употребен за изработка на фалсификуваните лично карти.
Сведокот Јане Угуровски пред Судот истакна дека дознал за злоупотребата на неговото име неколку дена пред да биде објавен текстот во неделникот „Фокус“.
„Новинарот кој го пишувал текстот дошол на мојата адреса да ме бара, но јас не бев дома и тој разговарал со брат ми. Му рекол дека моето име и податоците каде живеам се употребени за изработка на неколку лични карти и оставил негов број за да го побарам. Но, јас не го побарав бидејќи сметав дека доколку има таков случај, тој треба да биде пријавен во МВР и во Обвинителство и не му се јавив, за што не погрешив“, рече Угуровски пред судот.
Подоцна, раскажува сведокот, откако била објавена сторијата, почнал да добива повици од пријатели, а своето име го видел и на прилози на телевизиите „Алсат М“ и „Ал Џезира“. На сликите се гледале неговото име и адресата, кои биле точни, матичниот број бил замаглен, додека сликата на личната карта не била негова.
„Никогаш на никого, ниту на изработувачите ниту на новинарот, не сум дал согласност за да ги користи или да ги објавува моите лични податоци“, рече Угуровски.
На неговиот исказ реагираа браќата Бекири кои прашаа дали сведокот ги познава, на што сведокот одговори негативно.
„Апсолутно, се чувствувам како оштетен поради употребата на моите податоци“, заврши во својот исказ сведокот.
И останатите тројца сведоци, чиј идентитет бил злоупотребен, пред судот изјавија дека не знаеле за злоупотребата сè додека не излегла сторијата во јавноста.
Процесот продолжува со доказна постапка и сослушување на сведоци на 9 мај.
М. С.