/Прочитано:

1.670

Судиите подобро да ја совладаат материјата за стечајната постапка, а фирмите да се реорганизираат наместо да одат во стечај

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Министерството за економија, преку ИПА-проектот „Зајакнување на административните капацитети за спроведување на законската рамка за стечај и ликвидација на друштвата“, организира советување на тема „Реорганизација на должникот во стечајна постапка – нормативни аспекти и судска практика“.

„Овој проект е од исклучително значење за Министерството за економија и за стопанството во целост, а се реализира со помош на Европската Унија, со средства од Инструментот за претпристапна помош (ИПА)“, истакнуваат од Министерството за економија. „Ова советување е наменето за стечајните судии и другите судии што работат на предметите кои произлегуваат од стечајната постапка, стечајните управници, добавувачите или сите други друштва кои имаат некакви побарувања во стечајната постапка и органите на друштвата, застапници според Законот за трговски друштва“, беше нагласено на денешниот настан, на кој свои излагања имаа д-р Миодраг Ѓорѓевиќ, експерт во областа на ликвидација, Красин Димитров, тим-лидер на проектот и Дејан Костовски, експерт во областа на стечај и ликвидација.

На денешното советување, експертите се осврнаа на прашањето за  реорганизација на стечајниот должник во поглед на нормативните аспекти, судската практика и европскиот контекст. На советувањето се даде поттик за понатамошни промени во законодавството и поддршка во подобрувањето на законодавната рамка за излез од пазарот на несолвентните трговски друштва.

„Можно донесување ново законско решение доколку земјава ги следи ЕУ- легислативите во оваа сфера, како и формирање посебен сектор за стечај во Министерството за економија“, истакна министерот за економија Дритон Кучи, подвлекувајќи дека усогласувањето со европската легислатива бара континуирано проширување на знаењата на ликвидаторите, особено на стечајните управници за подобро дејствување.

„Според тековните податоци, евидентирани се околу 1.800 отворени стечајни постапки од кои дури 1.000 се последица на проверките поврзани со бришењето на трговските друштва по службена должност, што е сериозен предизвик за постојните 60 лиценцирани стечајни управници“, посочи министерот за економија, додавајќи дека  во земјите од ЕУ санацијата на фирмите станува сѐ позначајна, а моделите за нејзина реализација се со единствена цел – надминување на инсолвентноста и спасување на иднината на компанијата.

„И Македонија треба да се движи во оваа насока. За превентивно реструктурирање на фирмите, земјите членки на ЕУ веќе носат нови законски решенија и врз нивна основа подготвуваат модели на планови за реорганизација. Македонија не смее да заостанува на тој пат. Раното предупредување, санацијата, реструктурирањето треба да претставуваат можности за превентивно дејствување и спас од инсолветноста на трговските друштва. Наместо стигматизирање на стечајот, од нас се очекува создавање легислатива чиј резултат ќе биде подобрување на државното опкружување, зачувување на работните места и паралелно побрзо излегување од пазарот на оние што со своето дејствување доведуваат во опасност и неликвидност бројни други компании“, нагласи министерот.

На денешниот настан беше потенцирано дека стечајните управници треба да стекнат поголемо практично искуство за реорганизирање во стечаjнaта постапка,  со што, како што беше образложено, ќе се спречи затворањето на фирмите и евентуалното отпуштање на вработените. Реорганизацијата на компаниите, беше подвлечено на советувањето,  е најкомплексниот дел од стечајната постапка.

Заменик претседателот во Комората на стечајни управници, Драги Момировски, образложи дека планот за реорганизација е најсложениот дел од стечајната постапка, во смисла на тоа како да се усогласат правните одредби со економската состојба.

„Додека правото е децидно, без можности за какви било отстапувања, економските проблеми имаат многу повеќе решенија и секое од нив може да биде најблиску до врвот“, истaкна Момировски.

„Стечајните управници во Македонија немаат доволно практично знаење како да направат бизнис-план и да го изведат планот за реорганизација на фирмите. И судиите и стечајните управници треба подобро да ја совладаат материјата за стечајната постапка, особено околу планот за реорганизацијата, што е нешто посебно. За планот за реорганизација одлучуваат доверителите, а не стечајните судии. Стечајниот судија не мора дури ни да го стопира процесот за да нема одолговлекување, а стечајниот управник треба да биде добро подготвен за да се заврши постапката“, истакна Красин Димитров.

М.В