Судскиот совет ќе ја преиспитува методологијата за месечната норма на предмети за судиите
Советот се обратил и до сите судови во државава од каде што побарал мислење во однос на тоа како се справуваат судиите со приливот на предмети. Врз основа на нивните мислења, работната група треба да донесе одлука дали треба да се промени методологијата за утврдување на месечната норма.
Работна група од пет члена од Судскиот совет ќе врши преиспитување на ориентациониот број на предмети што месечно треба да ги реши еден судија во судовите во Република Македонија.
Месечната судска норма е утврдена со Одлука на Судскиот совет од минатата година, а, како што информира претседателот на Советот, Бранко Ушковски, ќе се преиспитува врз основа на извештаите за прилив на предмети, за решавање на заостанатите предметите, како и за сложеноста на предметите по кои постапуваат судиите, со цел да се утврди дали е потребно да се изврши промена во методологијата.
Советот се обратил и до сите судови во државава од каде што побарал мислење во однос на тоа како се справуваат судиите со приливот на предмети. Врз основа на нивните мислења, работната група треба да донесе одлука дали треба да се промени методологијата за утврдување на месечната норма.
„Целта на оваа работна група ќе биде да се утврди дали постојат промени во однос на нормите што се утврдени, дали некаде има отстапување, намалување или зголемување на предметите врз основа на бројот на предмети и нивната сложеност. Работната група треба да утврди дали постои потреба од промена на нормата за судиите и за која област е потребно да се направи тоа со цел да им се олесни работата на судиите, односно да се направи процена колку предмети можат да совладаат со цел да можат да бидат правилно оценети“, појаснува Ушковски.
Работната група, вели Ушковски, треба веднаш да започне со работа и во најбрзо можно време да поднесе извештај од анализата што ќе биде направена врз основа на бројот на предмети кои се решавале во сите судови во земјава.
Според Деловникот за работа на Судскиот совет, Советот секоја година на седница донесува одлука со која го утврдува ориентациониот број на предмети што месечно треба да ги реши судијата.
„Ориентациониот број на предмети што месечно треба да ги реши еден судијата во основните, во апелационите судови, во Управниот суд, во Вишиот управен и во Врховниот суд на Република Македонија се определува според правната област, според сложеноста на материјата во која спаѓа предметот и според видот на судовите според стварната надлежност“, се наведува во Деловникот.
Потребниот број предмети што месечно требал да ги реши еден судија за 2015 година можете да го погледнете на следниот линк.
М.С.