/ Прочитано:

2.091

„Употребата на македонскиот јазик е право и должност на граѓаните“

Употребата на македонскиот јазик како службен јазик е право и должност на граѓаните на Републиката, се пропишува во Законот за употребата на македонскиот јазик, со кој се уредува употребата на македонскиот јазик како службен јазик.

Македонски јазик, во смисла на овој закон, е македонскиот литературен јазик и неговото кирилско писмо. Употребата на македонскиот јазик ги опфаќа неговата заштита, унапредување и збогатување.

„Македонскиот јазик е духовно богатство од посебно културно и историско значење за Републиката. Употребата на македонскиот јазик, како службен јазик е право и должност на граѓаните на Републиката. Со овој закон не се ограничува правото на слободно творештво и развивањето на културниот, јазичниот и верскиот идентитет на граѓаните на Републиката“, се пропишува во Законот.

Македонскиот јазик, покрај употребата во органите на државната власт, во органите на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, се употребува и во:
– трговските друштва, претпријатијата, установите и другите правни лица регистрирани во Републиката;
– називите, рекламите и плакатите на правните лица;
– називите и упатствата на производите, лекарствата, етикетите, фактурите и слично;
– сметките, потврдите и други информации на амбалажата на производите, лекарствата и слично;
– обележувањето на јавните места;
– натписите во средствата за јавен превоз и во јавните објекти;
– титлувањето, односно синхронизирањето на филмовите и емисиите на странски јазик што се прикажуваат јавно;
– титлувањето, односно синхронизирањето снимки на македонски јазик што не е во согласност со член 1 став 2 на овој закон, а што одложно се емитуваат;
– меѓународните договори и другите меѓународни акти што ги склучува Републиката и
– други слични случаи.

Заштитата, унапредувањето и збогатувањето на македонскиот јазик опфаќаат особено:
– нагласена грижа за употреба на македонскиот јазик во процесот на образованието и воспитанието;
– поттикнување на грижата за употреба на македонскиот јазик, во средствата за масовна комуникација, особено преку печатот, радиото и телевизијата;
– избегнување употреба на странски изрази и заемки, односно, по можност, нивно заменување со соодветни поими од македонската лексика;
– афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за битието и природата на македонскиот јазик во јавната комуникација;
– афирмирање на македонскиот јазик во светот;
– поддршка на учењето на македонскиот јазик во Републиката и во македонските средини надвор од границите на Републиката;
– дејствување на полето на соодветна јазична образованост и култура, стимулирање и поддршка на програми, рубрики и емисии на електронските и другите медиуми за употребата на македонскиот јазик и изработка на компјутерски програми;
– стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик;
– предлагање кандидати за републички награди и признанија од областа на проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во Републиката и во странство;
– поддршка за учење на македонскиот јазик, како странски јазик, во и надвор од Републиката, како и давање јазична помош на заинтересираните лица;
– укажување на јазичните недоследности и неправилности во употребата на македонскиот јазик;
– организирање курсеви, семинари, советувања и други слични активности за употребата на македонскиот јазик и
– издавање публикации за македонскиот јазик и слично.

Службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик.

M.В