/ Прочитано:

2.026

Уставниот суд укина одредби од Законот за семејството за „мирувањето на постапката“

Уставниот суд ги укина членот 247 ставот 2 и членот 254 ставот 2 од Законот за семејството. На иницијатива на адвокатот Александар Ристески од Скопје, Уставниот суд претходно поведе постапка за оценување на уставноста на посочените одредби.

Според подносителот на иницијативата, оспорените, а сега укинати законски одредби биле во спротивност со членот 8 ставот 1 алинејата 3 од Уставот на Република Северна Македонија, односно со принципот на владеењето на правото.

Ова од причина што оспорените законски одредби упатувале на непостоечки правни одредби од Законот за парничната постапка, што доведувало до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото од страна на субјектите кои биле засегнати со конкретната правна проблематика.

Во иницијативата се цитира содржината на двете оспорени законски одредби, според кои за недоаѓање на странките на наредните рочишта ќе се применат одредбите на Законот за парничната постапка за мирување на постапката.

Понатаму, се наведува дека во Законот за парничната постапка не постоел, односно ниту една одредба не предвидувала и не го уредувала правниот (поточно процесноправниот) институт „мирување на постапката“.

„Правниот институт ‘мирување на постапката’ постоел во 1992 година, односно во моментот на донесувањето на изворниот текст на Законот за семејството, врз основа на Законот за процесната постапка, којшто согласно со членот 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применувал како републички закон. Исто така, во Законот за парничната постапка постоел, односно бил уреден правниот институт ‘мирување на постапката’. Од ден 29.12.2005 година, односно од денот на престанокот на важењето на Законот за парничната постапка и почетокот на важењето на Законот за парничната постапка, во македонскиот правен поредок не постоел правниот институт ‘мирување на постапката’.“

„Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека оспорените одредби од Законот за семејството, во делот на постапките во брачните спорови, упатуваат на примена на одредби од Законот за парничната постапка коишто не постојат во правниот поредок“, наведуваат од Уставниот суд

>>Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за семејството за „мирувањето на постапката“

M.В