/Прочитано:

289

Усвоени Акцискиот план за Отворено владино партнерство и Националната стратегија за деинституционализација

На 88. седница, Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата, како и Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2018–2020 година. Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација да формира работна група со сите чинители за имплементирање на Националниот акциски план за Отворено владино партнерство 2018–2020 година, најдоцна до 30 септември 2018 година.

„Инаку, Владата на Република Македонија досега има усвоено три акциски планови во 2012, 2014 и во 2016 година за соодветните двегодишни периоди. Четвртиот Национален акциски план за Отворено владино партнерство 2018–2020 година вклучува широк спектар на активности кои Владата ќе ги преземе во следните две години сè со цел да се зајакнат, продлабочат и прошират напорите за унапредување на транспарентноста на власта, подобрување на ефективноста на институционалните механизми за пристап до информации, пристап до правда, фискална транспарентност, управувањето со податоците и чувањето регистри во државните и во јавните институции, како и зголемување на стандардите за интегритет и поголем пристап до технологија за сите граѓани на Република Македонија“, информираат од Владата.

„Имајќи предвид дека за неколку месеци завршува Националната стратегија за деинституционализација 2008–2018, министрите ја прифатија и новата Национална стратегија за деинституционализација во Република Македонија за 2018–2027, симболично насловена Тимјаник“, додаваат од Владата.

Новата Национална стратегија за деинституционализација го проширува фокусот и нуди сеопфатен преглед на социјалните услуги во тековниот контекст. Стратегијата ги претставува визијата, целите, стратешкиот пристап на Владата и дејствата што треба да се преземат при спроведувањето на преминот од институционална грижа кон систем за социјална грижа во семејството и заедницата со поддршка од социјалните служби. Во моментов во институции се сместени вкупно 2.358 лица.

„Како материјал за информирање, министрите денеска го разгледаа и го прифатија Извештајот за степенот на реализација на програмата на Владата на Република Македонија од јануари до јуни 2018 година. Во овој период, според годишната програма за работа на Владата за 2018, биле предложени вкупно 322 иницијативи, од кои 99 закони, а останатите биле акти и материјали по кои одлучува Владата.  Исто така, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да предложи мерки за воспоставување електронско следење на Програмата на Владата“, посочуваат од Владата на РМ.

М.В