/ Прочитано:

1.507

Влијанието на геополитичките ризици врз водењето на бизнисот и нивно менаџирање

Пазарите во развој често претставуваат можност за раст на организациите кои сакаат бизнисот да го прошират на меѓународно ниво, но исто така може да биде основа за значителен ризик за правна и финансиска нестабилност. Затоа секоја организација која сака да оствари профит на домашниот или меѓународниот пазар треба да го анализира политичкиот ризик, кој треба постојано да биде на нејзината агенда кога станува збор за планирањето и управувањето со правните ризици.

Во 12. издание на Извештајот за глобални ризици на Светскиот економски форум, непрофитна фондација со седиште во Женева, геополитичкиот ризик се вбројува во топ 5 глобални ризици за водење на бизнис. Оваа фондација формирана во 1971 година со години е фокусирана на еволуцијата на глобалните ризици и нивната меѓусебна поврзаност.

Како повод за најновиот извештај на фондацијата се турбуленциите на светската политичка сцена, особено смената на американската администрација со доаѓањето на Доналд Трамп на функцијата претседател на САД и резултатите од референдумот во Велика Британија за напуштање на ЕУ.

Пазарите во развој често претставуваат можност за раст на организациите кои сакаат бизнисот да го прошират на меѓународно ниво, но исто така може да биде основа за значителен ризик за правна и финансиска нестабилност. Во исто време, веќе постојните пазари, иако постојат подолг временски период, не се имуни на политичките ризици, со оглед на честото одржување избори и менувањето на политиките (економската политика, легислативата итн.) на секоја наредна власт.

Затоа секоја организација која сака да оствари профит на домашниот или меѓународниот пазар треба да го анализира политичкиот ризик, кој треба постојано да биде на нејзината агенда кога станува збор за планирањето и управувањето со правните ризици.

Геополитичките ризици претставуваат особен предизвик за компаниите кои работат на меѓународно ниво. Најчесто тие ризици се тешко предвидливи и може да имаат широки и сложени импликации. Ова претставува сигнал за компаниите навреме да се осигураат пред да започнат со планирање за ширење на бизнисот и капиталот.

Се очекува влијанието на референдумот во Велика Британија за напуштање на ЕУ наскоро сериозно да се почувствува и да има значителни импликации врз компаниите, особено оние што работат во Европа. Во САД, претседателот Трамп прави радикален потрес на светската политика која е поврзана со бизнис ризиците преку промената на трговските договори и меѓународните односи кои досега ги водеше САД.

Овој геополитички ризик може да се појави во многу форми и да се одрази врз верижниот систем на целото општество, предизвикувајќи колапс на инвестициите во инфраструктурата, дефект во владеењето на правото, проблеми со имотно-правните односи, па дури и појава на воени конфликти.

Меѓу оние професионалци што се занимаваат со анализи и експертизи поврзани со управувањето со ризиците е и консултантската куќа „Цирих инсајдер“, која советува при заштита од геополитички ризици. Таа тврди дека компаниите треба особено да внимаваат во однос на заштитата на капиталот, особено поради експропријацијата, неконвертибилноста на валутите, како и поради ризикот дека државата не би можела да го гарантира опстојувањето на бизнисот.

Така на пример, политичките случувања во Иран и Никарагва и атентатот над претседателот на Јужна Кореја, Парк Чунг Хи во 1979, предизвикале многу компании да преземат активности за да се осигураат од ризиците, кои можат да донесат огромни загуби. Таков бил случајот со ембаргото на Советот за безбедност на Обединетите нации врз Ирак од 6 август 1990 година, кое траело до мај 2003 и кое придонело за ограничен увоз и извоз на нафта, преместување на ресурсите во други држави, недостаток на храна и зголемена смртност, додека бизнисите претрпеле огромни финансиски и материјални штети, особено осигурителните компании.

С. М.