Во подготовка Закон за социјалната заштита, чија цел е подобрена ефикасност на социјалните услуги
Министерството за труд и социјална политика подготвува нов Закон за социјалната заштита. Сите досегашни анализи, велат од Министерството, недвосмислено покажуваат дека системот на социјалната заштита во Република Македонија се наоѓа во фаза во која е неопходно да се преземат суштествени реформи, пред сè со цел да се подобри ефективноста на паричните давања и ефикасноста на социјалните услуги што се испорачуваат до крајните корисници.
„Досегашниот дизајн на социјалните трансфери е доста нерамномерен и неадекватен и придонесува кон продлабочување на нееднаквоста во општеството. Во однос на услугите од социјална заштита утврдено е дека не ги следат индивидуалните потреби на крајните корисници, при што треба да се обезбедат во заедницата преку натамошно спроведување на процесот на деинституционализација, децентрализација и плурализација“, образложуваат од МТСП.
Социјалната заштита, додаваат од МТСП, се дефинира како организирана дејност од јавен интерес, која се остварува преку систем на политики, програми и мерки за заштита од социјални ризици, превенција и надминување на социјалните проблеми кои неповолно се одразуваат врз добросостојбата на граѓаните со цел: промовирање и одржување на социјалната сигурност на граѓаните, спречување на социјалната исклученост, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и зајакнување на капацитетите на граѓаните за водење независен, активен и продуктивен живот.
М.В